
Како директорот на АНБ Бојан Христовски, добил диплома за факултет со 7 суштествени повреди, прашува Апасиев
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски имал проблематични диплома и уверение за положени испити по економија од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, кои му се неопходен услов за да биде именуван за директор, рече пратеникот на Левица Димитар Апасиев. Тој денеска на пратенички прашања во Собранието, го праша премиерот Христијан Мицкоски дали ќе испрати инспекција на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, за да се види како овие документи биле издадени, на што Мицкоски одговори дека не само таму, туку инспекции ќе бидат праќани и на други места.
Препорачано
Апасиев рече дека од свиркачи ги добил дипломата и уверението на Бојан Христовски од економскиот факултет на Универзитетот за туризам и менаџмент, но на нив имало суштествени повреди. Со оглед на тоа дека услов за назначување на директор на АНБ е да се има завршено економски науки, правни науки или безбедност, токму оваа диплома според Апасиев, е таа што е клучна. Покажувајќи го уверението за положени испити, Апасиев рече дека во него имало 3 спорни моменти. Првиот, како што посочи било тоа што уверението се повикувало на членот 238 од Статутот на Универзитетот, ама статутот имал само 165 члена.
Можеби е техничка грешка. Вториот според момент е токму тоа што го зборуваше министерката за образование дека преку ноќ добиваат дипломи. Тие 240 кредити се четиригодишни студии што значи секоја година има по 60 кредити. Учебна година на запишување на студиите на уверението е 1 септември 2022 година. Датум на завршување на студиите е 14 август 2023 година. Овој лик успеал да положи 4 години на Економски факултет за неполни 11 месеци. Тоа се 38 испити сосе дипломскиот труд, значи скоро 40 испити. Тоа е втората проблематичност во ова уверение. И третата е тоа што Универзитетот кој ги издава неговата диплома и уверение, во јануари 2023 година го менува името од Универзитет за туризам и менаџмент во Универзитет Скопје. Тоа значи дека во правниот промет престанува тоа лице и продолжува другото. Но, симптоматичното што е… Во јануари 2023 година печатот на универзитетот е со Универзитет Скопје. Во август месец истата година, само 8 месеци подоцна, печатот од ова уверение е од стариот универзитет. Како може ако престанало да постои тоа правно лице, печатот да е уште во правен промет и сообраќај? Тоа е во однос на уверението, рече Апасиев.
Премиерот му одговори дека Христовски студирал 3 години и сите испити од трите години му биле пренесени во уверението, а во 2022 година ја зел четвртата година, односно студирал по систем 3 плус 1 година. Но, другите аспекти од дипломата и уверението на Христовски останаа неодговорени и непобиени и ќе бидат предмет на просветна инспекција.
Апасиев ја спореше и дипломата на Христовски бидејќи според него, не била согласно правилникот.
-Во оваа диплома која што ја има, веројатно само името и презимето одговараат на тоа што се бара во правилникот. Има 7 суштествени повреди кои дипломата ги нема а правилникот ги бара. Нема основач на високообразовна институција, нема решение на МОН со број и датум за акредитација, нема просечна оценка со која дипломирал, нема академски стручен степен во меѓународен промет, нема сериски број на дипломата, нема број и датум на главна книга и не гледам два печата, универзитетски и факултетски, туку само воден жиг на средина. Значи дури 7 од задолжителните елементи фалат во оваа диплома. Прашањето до вас е дали вие сте запознаени со овие наводи и дали ќе испратите просветен инспекторат да ги провери овие наводи кои ги изнесов тука?, праша Апасиев.
Премиерот истакна дека инспекција ќе биде испратена на сите универзитети, вклучително и на овој.
Апасиев нагласи дека се надева дека оваа тема нема да биде забошотена и дека му е мило што Мицкоски ќе прати просветна инспекција.
-Устите на СДСМ се затнаа веднаш откако им доставивте 200 и повеќе лажни ТОЕФЛ сертификати кои и тие ги доставувале и гледаме дека аферата полека стивнува. Аргументацијата на премиерот беше, па што очекувате, нормално е на таа позиција да ставиме луѓе од доверба. Комплетно се сложувам со таа аргументација но тоа би било случај кога ние би биле апсолутна монархија. Бидејќи сме парламентарна демократија, има точно определени услови кои директорот треба да ги исполнува, рече Апасиев.