
Како да ги ублажите симптомите? Ако ве мачи артритис, следете ги овие 9 совети
Постојат повеќе од 100 вида артритис, кои можат да влијаат врз различни подрачја на телото. Така, освен на зглобовите, некои форми на артритис се поврзани со болестите на другите ткива и органи во телото. Најчести видови се остеоартритис, ревматоиден артритис и гихт.
Препорачано
Но, постојат работи што можете да ги правите секојдневно, а ќе ги олеснат симптомите на артритисот.
1. Контролирајте ја тежината
Едно американско истражување покажало дека губењето на вишокот килограми е одличен начин да се намалат симптомите на артритисот.
– Нашето истражување на пациенти што беа дебели на самиот почеток на остеоартритисот покажа дека лицата што изгубиле во текот на еден временски период доволно килограми, успеале да ги ублажат болките во коленото, вкочанетоста и физичката функција. Квалитетот на животот, секојдневните и спортските активности исто така се подобриле, без други третмани за артритис – објаснил водачот на студијата Кристофер Едвардс од Универзитетот во Пенсилванија,
2. Зелениот чај помага
Овој пијалак е добар и за зглобовите. Во една студија од 2017 година, која проучувала на кој начин поедини намирници може да ја намалат болката и воспалените процеси кај артритисот, авторите препорачале зелен чај поради неговата концентрација на антиоксидантот наречен EGCG, за кој се покажало дека спречува пропаѓање на коските и на ’рскавицата.
3. Сода-бикарбона
Резултатите од истражувањето објавени во магазинот „Журнал за имунологија“ покажуваат дека сода-бикарбона може да помогне во спречување на воспалителните процеси ако се користи на дневна основа. Авторите докажале дека состојките на сода-бикарбона можат да го преобратат целиот процес во клетките на имунолошкиот систем така што се борат против воспалението, наместо да го поттикнуваат. Сепак, станува збор за прелиминарно истражување, затоа секако разговарајте со вашиот лекар пред употреба на сода-бикарбона.
4. Направете пауза за да се истегнете
Повторувачките движења можат да ги влошат симптомите на артритисот. Мора да правите пауза и да се истегнувате, вели доктор Голдфиен, шеф на одделението за ревматологија во Калифорнија.
5. Размислувајте позитивно
Позитивните мисли и оптимизмот можат да помогнат многу за да ги држите под контрола симптомите на артритисот. Д-р Голдфиен посочува дека постојат студии што ја докажале вистината на ова тврдење.
6. Одете по скали
Кога нè болат нозете, нашата прва мисла е да влеземе во лифт, но многу е подобар избор одењето по скалите. Одењето по скалите наместо возење со лифт е едноставен начин да се движите и на тој начин да си ги олесните симптомите, советува доктор Виктор Романо, хирург ортопед.
7. Вежбајте
Германскиот експерт за спортска медицина Клаус Боус советува редовно, но умерено вежбање на сите пациенти со артритис, бидејќи на тој начин може да го забават напредувањето на болеста. Стручњакот препорачува пливање, возење велосипед, лесно џогирање и аеробик, па дури и само одење и истегнување, но од друга страна, тој советува да се избегнува одбојка, фудбал, ракомет или тенис.
8. Престанете да пушите
Да, има многубројни причини зошто треба да ги исфрлите цигарите, а една од нив е дека пушењето го зголемува ризикот од развој на артритис за дури 26 отсто.
9. Омега-3 масни киселини
Постојат силни докази дека омега-3 влијае врза биохемијата на болеста, така што не само што помага во спречување на болеста, туку го забавува нејзиното напредување, потенцијално држејќи го остеоартритисот под контрола, објаснуваат лекарите.