
Каде исчезнаа милионите на Џим Кери?
И покрај тоа што неговото богатство се проценуваше на 300 милиони долари, Џим Кери одлучи да ги прекине пензионерските денови и да се врати на филмското платно.
Препорачано
Одлуката да се врати по само две години пензија не е каприц на Џим Кери, туку неопходност. Како што и самиот признал, неговото богатство се „стопило“, и поради тоа ја прифатил улогата во третиот дел од „Sonic“. Но, што всушност се случило со неговите милиони?
Во деновите на неговата најголема слава, Џим Кери можеби беше „кралот на Холивуд“ со луди, милионски хонорари за неговите улоги во хит комедии. На пример, за улогата во „The Cable Guy“ во 1996 година, заработи 20 милиони долари, што всушност беше првиот таков хонорар во Холивуд.
Но сега, поради тоа што очигледно останал без поголемиот дел од парите, 62-годишниот Џим Кери е принуден да се врати во Холивуд.
„Се вратив во овој универзум затоа што, пред сè, морам да глумам генијалец, што е малку претерано. И, знаете… купив многу работи и, искрено, ми требаат пари“, рече тој на премиерата на „Sonic the Hedgehog 3“.
Важно е да се напомене дека „Sonic“ е најпрофитабилниот проект во неговата кариера бидејќи првите две продолженија заработија 725 милиони долари.
А дека нешто навистина се случува со неговите финансии, покажува и фактот што во февруари 2023 година го ставил на продажба својот имот во Брентвуд со пет спални соби и девет бањи. За импресивната вила првично побарал 28,9 милиони долари, па 27, па 24, за моментално на пазарот да се продава за 19 милиони долари.
Кога го ставил имотот на продажба, не ги спомнал финансиските проблеми, туку тврдел дека е подготвен за промени во животот.
„Три децении таа куќа ми беше прибежиште, но сега не поминувам премногу време таму, па сакам некој друг да ужива во неа како јас некогаш“, изјави Кери.
Покрај куќата во Брентвуд, тој поседува и имот во егзотичниот Мауи, а не е помалку вредна и неговата колекција на луксузни автомобили. На списокот има неколку „мерцедеси“, „порше панамера“ и „тесла“, а не е скржав ни кога станува збор за патувања низ светот.
Во 2022 година тој го објави своето пензионирање, тврдејќи дека „Sonic: The Hedgehog 2“ е неговиот последен филм.
„Ќе се вратам само ако ангелите донесат сценарио напишано со златно мастило што луѓето ќе мора да го видат, но сега паузирам“, рече тогаш Кери.