
ЈЗУ Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ обезбеди нов современ стол за операции, донација од Катастарот
Специјалистите од ЈЗУ -Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје, од денеска дел од хируршките интервенции ќе ги извршуваат на нов стол за операции, медицински апарат од најновата генерација. Со овој апарат, ќе се зголеми квалитетот на хируршките интервенции, ќе се олесни работата на докторите, а секако, она што е најважно, повеќекратен бенефит ќе имаат и пациентите.
Препорачано
Да се биде општествено одговорна институција е доблест вредна за најдлабока почит! Затоа, упатуваме посебна благодарност од страна на сите вработени на клиниката, а во име на пациентите до Агенцијата за катастар на недвижности, која како општествено одговорна институција ги слушна нашите молби за неопходноста од овој вид медицински апарат и обезбеди средства за неговата набавка, велат од Клиниката.
ЈЗУ -Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје ќе продолжи со напорите да обезбеди понатамошна промена на дотраените апарати и инструменти, сè во интерес на подобрата здравствена услуга на пациентите.
Сигурни сме дека на нашиот апел ќе одговорат повеќе општествено одговорни компании, како што на нашето барање одговори Агенцијата за катастар на недвижности. Затоа, што подобрувањето на квалитетот на неопходните апарати кои се застарени и едвај употребливи, значи директно подобрување на грижата за пациентите, односно до можноста потребната интервенција да биде остварена многу посоодветно и попрецизно. Животот е како порцелан кревок и никогаш не можеме да знаеме дали ќе станеме пациенти и ќе имаме потреба од ваков вид лекување, ние или некој наш близок. Затоа, за доброто на сите, во интерес на пациентите, ЈЗУ -Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ ќе продолжи со напорите да ја модернизира својата работа, да обезбеди нови пософистицирани апарати и да ги замени дотраените, стари, медицински средства за работа, велат оттаму.