
Јужнокорејка која обожавала филмови со криминалци убила странец „од љубопитност“
Јужнокорејски суд изрече доживотна казна затвор на љубителката на „вистинскиот криминал“ во литературниот и филмскиот жанр, која на полицијата и кажала дека убила странец од љубопитност. Јунг Ју-Јунг (23) била опседната со криминални серии и романи, соопшти полицијата.
Препорачано
Опседната со идејата за „обид за убиство“, таа ја искористила апликација за да се сретне со професорка по англиски што ја избодела до смрт во нејзиниот дом во мај. Бруталното убиство ја шокираше Јужна Кореја, пишува Би-Би-Си.
Обвинителите бараат смртна казна, која обично се изрекува за најтешките кривични дела. Тие пред судот рекоа дека Јунг, невработена девојка која живеела со нејзиниот дедо, со месеци барала жртви користејќи онлајн апликација за туторство.
Таа контактирала со повеќе од 50 луѓе и претпочитала жени, прашувајќи ги дали предаваат во домашни услови. Претставувајќи се како мајка на средношколец на кој му требаат часови по англиски јазик, таа контактирала со 26-годишната жртва која живеела во југоисточниот корејски град Бусан во мај. Полицијата не го соопшти нејзиниот идентитет.
Јунг потоа се појавила во куќата на наставничката облечена во училишна униформа што таа ја купила преку интернет, соопштија обвинителите. Откако учителката ја пуштила да влезе, Јунг ја нападнала жената, забивајќи и нож над сто пати во различни делови од телото.
Таа потоа го распарчила телото на жената и тргнала со такси за да фрли некои од деловите од телото во оддалечен парк во близина на река, северно од Бусан. Таа била уапсена откако таксист ја известил полицијата за клиент кој оставил куфер натопен со крв во шумата.
Полицијата соопшти дека историјата на онлајн пребарување покажала дека Јунг со месеци истражувала како да го убие и да го отстрани телото. Но, таа исто така била невнимателна, соопшти полицијата, не правејќи напор да ги избегне надзорните камери, кои неколкупати ја снимиле како влегува и излегува од домот на жртвата.
Денеска, судијата за изрекување на пресудата во Окружниот суд во Бусан рече дека убиството „ширило страв во општеството дека некој може да стане жртва без причина“.
Јунг го призна злосторството уште во јуни и се изјасни за полесна казна, велејќи дека во тоа време страдала од халуцинации и други ментални нарушувања. Но, судот го отфрли нејзиното барање бидејќи делото било „внимателно испланирано и извршено и тешко е да се прифати нејзиното тврдење за ментално и физичко нарушување“.
Од судот истакнуваат дека нејзините изјави во полиција често се менувале. Најпрвин Јунг рече дека го преместила телото само откако некој друг ја убил жената, а подоцна тврдела дека убиството било поради расправија.
На крајот, таа призна дека нејзиниот интерес за извршување на убиство бил поттикнат од емисиите за криминал и телевизиските програми. Иако смртната казна сè уште постои во Јужна Кореја, ниту една не е спроведена од 1997 година.