
Јубилејно издание на поетскиот фестивал „Литературни искри“ ќе се одржи во Гостивар
Десеттото издание на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ ќе се одржи на 21 мај (недела), со почеток во 13 часот, во НУ Центар за култура „АСНОМ“ во Гостивар. Фестивалот е востановен во чест на 24 Мај – Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
Препорачано
За претстојното јубилејно издание на „Литературни искри“ во двете возрасни категории пристигнале вкупно 184 регуларни пријави. Во возрасната категорија над 18 години успешно се заведени 139 пријави, а во возрасната категорија до 18 години заведени се 45 пријави од вкупно пристигнатите апликации.
По оценувањето на тричлената комисија во состав: Маја Апостолоска, Бранко Цветкоски и Слаѓана Брезовска, во двете возрасни категории годинашни финалисти на десеттото фестивалско издание на „Литературни искри“ се: Едуард Тара од Ијаши (Романија), Марија Јанчевска од Скопје, Димитра Десановска од Битола, Анета Велкоска Ода (Скопје), Десанка Николова (Велес), Душан Стојковиќ (Грделица, Србија), Фросина Тасевска (Штип), Сара Ѓорѓијоска (Куманово), Александра Вујишиќ (Подгорица, Црна Гора), Силвана Димитриевска (Скопје), Лидија Размоска Тримовска (Скопје) и Сара Ангелова (Делчево).

Овие финалисти конкурираат за наградите: Гран-при, прва, втора и трета награда, Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада поетска искра. Во пресрет на одржувањето на јубилејното 10-то издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ 2023, од печат излезе заедничка поетска збирка од авторите учесници на конкурсот.
И оваа година носител на проектот е Здружение „Милениум“ и истиот е поддржан од Министерството за култура на РСМ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 179, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.5.2023)