
Јубилеј со цврст карактер и силен идентитет на Скопскиот џез-фестивал
Ексклузивна, богата и концепциски разновидна програма донесе 40. Скопски џез-фестивал, иако организаторите повеќепати нагласија дека не го слават, туку само го одбележуваат јубилејното издание на фестивалот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Доколку не постоеше, секако, ќе требаше да се измисли Скопскиот џез-фестивал, бидејќи со текот на времето стана еден од најзначајните културни настани во државата, а веќе со сигурност е бренд по кој светот го препознава Скопје. Тој факт го потенцираа и неколку учесници во годинашната програма, кои јавно пред публиката открија дека со голема возбуда ја прифатиле поканата за настап на Скопје џез-фестивал.
Во резимето на јубилејното издание на фестивалот влегуваат пет стандардни вечери од 20 до 24 октомври во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар, со изведувачи од САД, Европа, Куба и Македонија, кои одржаа ексклузивни концерти, имаше и специјални фестивалски проекти, а дополнително и изложба на постери, премиери на два музички документарци со Арета Френклин и за дискографската куќа „Блу ноут рекордс“, промоција на две албумски остварувања од македонски музичари, а беше доделена и наградата за најдобар македонски млад џез-музичар.
Многу потешко е да се направи резиме на изминатите 40 години, во кои на фестивалот барем еднаш настапиле, речиси, сите значајни имиња од светската џез-сцена. Традицијата градена со години создаде фестивал со цврст карактер и силен идентитет. Фестивалот минуваше низ различни форми и простори, но успеа дури и во времиња кога остана без Универзалната сала, а и во актуелните пандемиски времиња, да го задржи и постојано да го надградува високиот интернационален рејтинг со програма која далеку зад себе ги остави сите други џез-фестивали во регионот.

Цврстиот карактер на фестивалот го градат музичарите што досега настапиле во Скопје. Во таа смисла никогаш немало компромис и најголем број од нив доаѓале во зенитот на својата кариера. Таков случај годинава беше со доаѓањето на шведскиот виртуоз на дувачки инструменти Матс Густафсон, кој беше дел од три концерти.
На отворањето изведе совршен соло-перформанс со кој ги покажа своите вештини и ги досегна границите на изведба на повеќе инструменти, како саксофон (бас, баритон, тенор, алт и сопран), но и флејта, француски флагеол и кларинет. Беше дел и од полноќниот перформанс на Мур Мадер, кога заедно со оваа американска поетеса и музичарка придружени од перкусионистот Дуду Којате освојуваа заумни поетско-музички пространства.
Третиот настап на Густафсон беше во рамките на специјалниот фестивалски проект „Ну мјузик 4“ со музика инспирирана од делото на легендарниот Дон Чери. „Сакавме Дон Чери да го облечеме во нов костум и да му дадеме нов звук“, изјави Густафсон за време на концертот.
На Скопје џез-фестивал секоја вечер е посебна и со однапред добро осмислен концепт. Бидејќи џезот е најдемократската форма на музичко изразување, годинава можеа да се проследат две групи каде што лидерки се женски изведувачки. Американката Линда Меј Хан О со својот квартет изведе композиции со извонредни аранжмани, но и откри дека првпат од почетокот на пандемијата доаѓа во Европа, додека за Тања Џанули и нејзиното трио од соседна Грција навистина е штета што само првпат настапија во Скопје. Нејзината музика навистина собра големи симпатии кај публиката.

Со најголема возбуда, сепак, беа пречекани големите ансамбли. Исклучително ретко се случува на едно место да се соберат 15 музичари, кои ќе изведат современа музика од македонски композитор. Тоа му успеа на Јордан Костов и неговиот ансамбл. Среќа е што едно од албумските изданија што Скопје џез-фестивал ги промовираше беше токму со музиката на Јордан Костов, а која беше изведена и на сцената. Вториот промовиран компакт-диск е на групата „Светлост + Одрон ритуал оркестра“, кои минатата година настапија на фестивалот.

Одличен впечаток оставија и Л.У.М.Е. (Лисабонски андерграунд мјузик ансамбл) од Португалија, а најмногу овации предизвикаа „Шејк стју“ од Австрија, кои имаа многу симпатична комуникација со публиката. Интересно е што најголем дел од групите првпат настапија во Скопје, иако некои од членовите доаѓале претходно со други формации. Таков беше случајот со данскиот гитарист Јакоб Бро, кој ја претстави својата музика од повеќе албуми.
Во киното „Фросина“ можеше да се проследи настапот на АЈС Квартет, најпопуларната џез-група од Албанија, која изведе албански традиционални песни во современ џез-контекст. Кубанската музика секогаш предизвикувала врвен интерес, а Роберто Фонсека со неговото трио уште еднаш го потврди тој факт на последната фестивалска вечер, успевајќи со заразниот ритам сите во салата да ги повлече на танц.

Силниот идентитет, печат и белег, на Скопскиот џез-фестивал се сите активности поврзани со организацијата, промоцијата и дополнителните активности. Меѓу нив, секако, беше изложбата на постери од минатите изданија на фестивалот со наслов „Компликувај едноставно“. Централно место на изложбата имаа постерите од белградскиот дизајнер Славимир Стојановиќ – Футро, кој го дизајнираше постерот и за ова јубилејно издание, но и некои од постерите што порано ги добиваа наградите на адвертајзинг-фестивалите и високо го кренаа рејтингот на Скопје џез-фестивал на меѓународно ниво.
Иако фестивалот се случи во време на политичка кампања за локалните избори, целиот центар на Скопје беше облепен со постери на џез-фестивалот, наспроти ликовите на кандидатите за градоначалници. Таква храброст може да се појави само кога станува збор за џез-музика.

– За луѓе што не се од широко воспоставената матрица на размислување, Скопскиот џез-фестивал нуди можност, едноставно, да не полудат со текот на времето и отвора еден фин прозорец преку кој можеш да дознаеш дека во светот, а и кај нас, има можност слободно да размислуваш со музиката и да се изразуваш без никакви препреки. Навистина ми годи што една таква 40-годишна институција има позитивно мислење за мојата работа – рече Филип Букршлиев, интелигентен, духовит и луциден музичар, кој ја доби наградата за најдобар млад македонски џез-музичар за 2021 година.
Истата организациска екипа на џез-фестивалот со истото темпо и концентрација продолжува со подготовката на уште еден јубилеј. Станува збор за 20. Оф-фест, што ќе се одржи од 9 до 13 ноември. Тоа е фестивалот што во Скопје ја носи музиката на светот. Ако Скопскиот џез-фестивал е бренд по кој светот го препознава Скопје, тогаш Оф-фест го носи светот во Скопје.
Фотографии: Скопје џез-фестивал / Татјана Ранташа
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 103, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31 октомври 2021)