
ЈСП повторно се спаси од криза со нафтата, како ќе се спаси од долговите?
Пред десет месеци ЈСП исто така остана без гориво, а ситуацијата беше толку критична што на улиците возеа само автобусите на метан што се триесетина на број и мал дел од приватните автобуси. За да се надмине кризата, интервенираше Владата со гориво од државните нафтени резерви.
Блокирани сметки, недостиг на нафта, неисплатени плати, голем број неисправни автобуси и слични други состојби карактеристични за ЈСП „Скопје“ во изминативе неколку години, многупати ги доведуваа на „раб на нерви“ скопјани кои секојдневно користат јавен превоз. Последица на сите овие кризни ситуации во јавниот градски превозник беа долготрајно чекање по автобуските постојки и на студ и на плус 40 степени, а потоа метеж по возилата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
За среќа и покрај најавите од Град Скопје дека е прекината испораката на нафта од снабдувачот „Пуцко петрол“ иако има активен договор, овој пат, по неколкучасовниот метеж што се создаде по автобуските во вчера попладне, денеска не се почувствуваа проблеми во функционирање на јавниот превоз.
Неофицијалните информации говорат дека во двете бази пристигнала нафта за дводневно работење, па доколку вечерва не се испорача нова количина, можно е проблеми во превозот да се појават утре, па граѓаните да мора да се снаоѓаат како без автобуси да стигнат на работа и учениците на училиште.
Ќе има автобуси – „Пуцко петрол“ и покрај долгот ќе продолжи да го снабдува ЈСП со гориво
Официјални информации од ЈСП повторно нема. Оттаму не одговараат на прашањата на „Слободен печат“ каква е состојбата со снабдување со нафта на автобусите и дали може да се случи Скопје да остане без превоз поради недостиг на гориво. Не одговараат ниту дали нивниот долг кон снабдувачот е поголем од 10 милиони денари и дали поради тоа „Пуцко петрол“ одбива да врши испорака. И најважно, нема одговор на прашањето од каде набавиле нафта во вчеравечер доколку снабдувачот со кој имаат договор не им испорачува.
Град Скопје вчера обвини за своевиден политички „заговор“ и за уцени за да се предизвика хаос со јавниот превоз.
Под силен политички притисок уценетиот Асмир Јахоски од „Пуцко петрол“ се приклучува на обидите за креирање хаос во Скопје. Иако има активен договор со ЈСП за испорака на нафта, Асмир Јахоски од „Пуцко петрол“, соочен со обвиненија затворска казна и подложен на уцени, иако има активен договор за испорака на нафта ја прекина доставата. Истото уценетиот го направи и за предновогодишните празници, ги остава граѓаните да чекаат на ладно во зима и на жега во лето само да се задоволат суетните лидери од кои очекуваат спас од сургун за своите недела уценетите црнолисташи. Зар не направивте доволно хаос во Скопје, спречивте набавка на нови автобуси, не гласавте бесплатен јавен превоз? – велат од Град Скопје.
Од фирмата снабдувач веднаш одговорија дека од Град Скопје во јавноста не бил презентиран еден значаен елемент, а тоа е долгот на ЈСП кон нив, кој, според компанијата, надминува 10 милиони евра по фактури стари повеќе од две години. Оттаму денеска информираа дека сепак, и покрај долгот, ќе продолжат да го снабдуваат ЈСП со гориво.
Левица: ЈСП е на работ на ново изживување поради монополот и каматите на „Пуцко Петрол“
Пред десет месеци ЈСП исто така остана без гориво, а ситуацијата беше толку критична што на улиците возеа само автобусите на метан кои се триесетина на број и мал дел од приватните автобуси, кои пак во тоа време бараа зголемување на цената за изминат километар. За да се надмине кризата, интервенираше Владата со гориво од државните нафтени резерви.
Тогаш од Град Скопје исто така го обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека креира криза и го остава ЈСП без нафта.
Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио. Во исто време и со истото смислено сценарио приватните превозници, кои речиси воопшто не сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за зголемување на цената по која возат, денес менуваат изјава дека не им биле верификувани извештаи за возење, а кој ќе им ги верификува кога не возат – изјавија лани во ноември од Град Скопје.
Не помина ниту еден месец, гаражирани останаа автобусите „ман“ затоа што претпријатието поради блокирана сметка не беше во состојба да си го плати долгот кон добавувачот и да набави метан.
И секогаш, во сите овие случаи Град Скопје и ЈСП вината ја лоцираа во други, а никогаш во себе и во лошото менаџирање на претпријатието.
„Пуцко петрол“: ЈСП ја префрла вината врз нас, а должи над 10 милиони евра
Партиите, пак, актуелната ситуација повторно ја искористија за политички препукувања.
СДСМ реагираше дека скопјани четири години секој ден живеат во хаос, со преполни контејнери, нечисти улици и јавен превоз во колапс и обвини дека главниот град е во „заложништво на неспособноста на ДПМНЕ и нивните кавги со Данела Арсовска“.
ЈСП тоне во долгови, автобуси нема, учениците не знаат дали ќе стигнат на настава, граѓаните не можат навреме да стигнат на работа, на пазар, каде било. Четири години ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот, претседавач со Советот, но 4 години водат инает со Арсовска, не носат одлуки, а сметката за тоа ја плаќаат граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ раководи со Управниот одбор на ЈСП, но и со сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија во Скопје. Заклучокот е јасен, ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во Скопје, тие се најголеми виновници за катастрофата што му се случува на градот – изјави Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ бранејќи ја Данела Арсовска докажале дека се заедно и дека сè прават смислено и заеднички координирано, па дури и го нападнале ВМРО-ДПМНЕ дека оставало ѓубре пред куќите на луѓето.
Има едно прашање што се поставува на вакви глупости, а кое веднаш ги разобличува: Зошто? Зошто ВМРО-ДПМНЕ би го правело тоа пред убедлива победа на локални избори? – соопштија од партијата.
ВИДЕО: „Катанга“ во скопскиот градски превоз во попладневниот шпиц
Според Левица, ЈСП уште еднаш е на работ на ново изживување во име на профитот, овој пат од компанијата „Пуцко петрол“, која, како што велат оттаму, играјќи монопол со „казнени камати и камати на камати го вовлече јавното претпријатие во должничко ропство“.
Сѐ поизвесен е фактот дека ЈСП денес е претпријатие на работ на колапс. Не поради објективни околности, туку поради штетни договори, спогодби и политички одлуки. И тоа не само од последниве четири години. За ваквата состојба одговорноста во континуитет се задржува кај локалната власт, како во време на претходната градска власт на ДПМНЕ, кога Игор Јанушев како директор буквално го уништи претпријатието со десетгодишниот договор склучен со „Маратон” – соопштија од Левица.
Тие посочуваат дека ЈСП денес не е јавен сервис, туку жртва на договори што служат за приватен профит и прашуваат кој тоа цела декада го подготвува ЈСП за приватизација.