
Јокиќ одби да потпише нов договор со Денвер, позната и причината
Трикратниот МВП на НБА лигата, Никола Јокиќ, ја одби понудата за нов договор од Денвер нагетс. Потпретседателите на клубот, Бен Тенцер и Џонатан Волис, му понудија продолжување на соработката, но српскиот центар одбил да стави потпис.
Препорачано
Актуелниот договор на Јокиќ важи до летото 2028 година, но содржи клаузула според која може да се откаже од последната сезона, која би му донела 63 милиони долари и да потпише нов договор.
Од раководството на Денвер имаат јасна намера да го задржат својот најважен кошаркар и по 2028 година, па му понудија продолжување на договорот за уште три сезони. Сепак, Јокиќ не ја прифати понудата која би го врзала со клубот до 2030 година, со вкупна вредност од 212 милиони долари.
Но, според медиумите, позната е и причината зошто Јокиќ одби продолжување на соработката. Според правилата на колективниот договор меѓу НБА и Здружението на професионални кошаркари, следното лето тој ќе има можност да се откаже од последната година од актуелниот договор и да потпише нов четиригодишен договор вреден дури 293 милиони долари.
Тоа значи дека Јокиќ не само што би заработил 81 милион долари повеќе, туку и би добил дополнителна една година во договорот, што би значело дека ќе остане под договор до својата 36-та година, со реална можност и за уште еден голем договор.