Јавниот сектор во долгови до гуша – должи речиси 670 милиони евра

Јавниот сектор му должи околу 400 милиони евра на јавниот сектор, а на фирмите и на граѓанскиот сектор им должи околу 253 милиони евра

Државните институции, јавните претпријатија и општините заклучно со јуни 2025 година, имаат достасани а неплатени обврски од дури 690,8 милиони евра, или околу 4,2 проценти од бруто-домашниот производ, алармира Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“. Најголеми долгови се забележуваат кај јавните претпријатија во сопственост на државата, тие имаат достасани долгови за околу 366 милиони евра, или учествуваат со 53 отсто во вкупните обврски на јавниот сектор. Потоа се локалните претпријатија основани од општините кои должат околу 110 милиони евра. Јавните здравствени установи должат околу 70 милиони евра, а општините околу 65 милиони евра.

„Фајненс тинк“ посочува дека вкупниот долг на јавниот сектор во периодот од 2019 до 2025 година се зголемил за два и пол пати. Но, велат дека не е целосно јасно дали зголемувањето на обврските се должи на зголемување на достасаните неплатени обврски или, пак, на подобрено и покомплетно пријавување на обврските во Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски (ЕСПЕО). Според Законот за пријавување и евиденција на обврски, јавните претпријатија и државните трговски друштва се обврзани секој месец да ги пријавуваат достасаните, но неплатени, како и недостасаните обврски во ЕСПЕО.

Кои се најголеми должници

Заклучно со јуни 2025 година, најголеми достасани неизмирени обврски имаат: Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС, Железница – Транспорт. Железница – Инфраструктура, ЕСМ, а потоа се јавни претпријатија од областа на здравството за потребите на јавни здравствени установи, универзитетски клиники, заводи и ургентен центар, ЕСМ Дистрибуција на топлина и ЈП Водовод и канализација – Скопје.

„Зголемувањето на достасаните обврски укажува на неефикасности во управувањето со јавните претпријатија и ја нагласува потребата од воведување пазарни механизми за поефикасно корпоративно управување. Ваквите механизми можат да вклучуваат воспоставување јасни критериуми и одговорности за постигнување финансиски и оперативни резултати, воведување систем на бонуси за успешно управување, како и редовно мониторирање и оценување на работењето на менаџментот“, забележува „Фајненс тинк“.

Оттаму анализираат дека најголемиот дел од долговите им се за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, како и за материјали и ситен инвентар и договорни услуги.
Втора по големина категорија на достасани обврски е отплатата на главнина, дури 21 отсто! Во рамките на оваа категорија доминираат обврските кон други нивоа на власт.

Јавниот сектор најмногу му должи на јавниот сектор

Анализата на достасаните неплатени обврски по комитент покажува дека најголемиот дел од долгот што го има јавниот сектор е кон јавниот сектор и тој долг низ годините е во постојан раст. Заклучно со јуни 2025 година, обврските кон јавниот сектор учествуваат со 58 отсто од вкупните достасани неплатени обврски, или во апсолутен износ околу 400 милиони евра.

– Овој сегмент може да укажува на неефикасности или одложување во спроведувањето на меѓуинституционалните трансакции или на зголемени обврски на јавните претпријатија и на единиците на локалната самоуправа кон централната власт, како резултат на претходно издадени гаранции од Министерството за финансии. Нередовното сервисирање на обврските кон јавниот сектор, како и пренесувањето на долговите преку активирање гаранции, сигнализира слабости во фискалното управување и институционалната дисциплина. Наместо да ја поттикнат одговорноста на должниците, ваквите механизми создаваат очекување дека преземените обврски ќе бидат покриени од други нивоа на власт. Со тоа се нарушува предвидливоста во управувањето со јавните финансии, а истовремено се зголемува ризикот од акумулација на нови обврски. Индиректно, ваквата практика дополнително ја ограничува и способноста на институциите да планираат и да обезбедат непречено функционирање на јавните услуги – анализира „Фајненс тинк“.

Втори по големина се обврските кон приватниот и граѓанскиот сектор, им должат околу 253 милиони евра.

– Овој тренд е особено загрижувачки бидејќи вклучува и обврски поврзани со градежни проекти, чие одложено плаќање може да доведе до застој во реализацијата на капиталните инвестиции и пошироки негативни ефекти врз економијата – забележува „Фајненс тинк“.

Општините должат 64,7 милиони евра

 

Заклучно со јуни 2025 година, достасаните неплатени обврски на општините изнесуваат 64,7 милиони евра, или 9 проценти од вкупно пријавените обврски на јавните субјекти. Доколку на нив се додадат и обврските на локалните јавни претпријатија основани од општините во износ од околу 197,6 милиони евра, нивното вкупно учество достигнува 25 од вкупните достасани обврски. Иако нивното учество не е доминантно, тие имаат значајно влијание врз локалните финансии.

„Највисоки достасани неплатени обврски во апсолутен износ се евидентирани кај општините Гостивар (693 милиони денари), Тетово (584 милиони денари), Кавадарци (228 милиони денари), и кај Градот Скопје (342 милиони денари). Достасаните неизмирени обврски претставуваат сериозен товар за локалните буџети и ја поткопуваат фискалната стабилност на општините. Кај општините Василево, Делчево и Гостивар тие надминуваат 50 отсто од вкупните приходи, што укажува на голем ризик од фискална несолвентност“, алармира „Фајненс тинк“.

Ова е „морален хазард“

 

„Фајненс тинк“ укажува на тоа дека растот на долговите на јавниот сектор низ годините ја поткопува финансиската дисциплина и дека тоа е „морален хазард“.

„Растот на достасаните обврски укажува на потенцијален ‘морален хазард’ бидејќи централната власт често интервенира за нивно сервисирање, што ја поткопува долгорочната фискална дисциплина и создава очекување дека идните обврски ќе бидат покриени од други нивоа на влас“, анализира „Фајненс тинк“.

Тие алармираат и доколку на јавниот долг заклучно со јуни 2025 година се додадат и достасаните неизмирени обврски на јавните институции, тој би достигнал приближно 62,7 отсто од БДП, односно за 4,2 проценти. Вклучувањето на долговите на јавниот сектор би требало да се случи во согласност со препораките на Европската комисија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот