
Јанкулов го спаси Вардар во возбудливото дерби против Струга Трим Лум
Продолжи непобедливата серија на тимот на фудбалерите на Вардар. Не со уште еден триумф, туку со ремито 2:2 денеска во дербито од деветтото коло од Првата македонска лига. На Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, екипите на Вардар и Струга Трим Лум одиграа одлично 100 минути во кој гостите на два пати водеа, но без трите бода останаа во судиското продолжение.
Препорачано
Во 19 минута гостите дојдоа во водство откако Папе Фал одлично нафрли, а на 19 метри централно со глава одлично бие капитенот на стружани Буњамин Шабани со глава. Вардар се префли на противничката половина, заигра поофанзивно, но за споменување од првиот дел се единствено обидите на Мато и на Бабунски од слободен удар во финишот, и обата преку голот.
На полувремето, „шок терапија“ во тимот на Вардар. Четири измени, а првата од нив, Горан Закариќ во 47 минута го имаше првиот обид, покрај голот. На спротивната страна Радески се обиде да зголеми на 0:2, но биеше покрај голот, за да следува еден од клучните моменти на мечот.
Маневски, уште една замена од полувремето, нафрли, а Бојан Илиевски интервенираше. Судијата покажа на белата точка, а по ВАР проверката на лице место, и потврден беше пеналот. Одговорноста ја презема Роџерс Мато најдобриот стрелец на Вардар во моментов, но биеше десно голмански, а Анџелети одлично брани. Промашениот пенал за Мато очигледно беше само мотивација за да 60. Минута истрча една одлична контра и против двајца дефанзивци фантастично се снајде. Со двоен дриблинг се ослободи и биеше неодбранливо за 1:1.
Сепак, израмнувањето немаше премногу ефект, затоа што само четири минути подоцна, на акцијата на Илиевски и Шабани, Компаоре одлично скока со глава во петерецот на Вардар и погодува за ново гостинско водство, овој пат од 1:2.
Во финишот на мечот Христијан Малески имаше зицер ситуација, но промаши еден на еден со Талески. Следуваше казната од страна на Вардар кој преку Георгије Јанкулов кој влезе во шеснаесетникот оддесно и реализираше под Анџелети и погоди во судиското продолжение од мечот.