
Јаневска: Верувам дека Стевчо Јакимовски е способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата
На општините им се исплатени блок додатоците, а градоначалниците и директорите на училиштата треба да се организираат и да обезбедат греење за сите училишта, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска откако градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски ја повика Владата да го плати заостанатиот долг за греење на основните училишта во оваа општина.
Препорачано
Јаневска верува дека Јакимовски е „многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата“.
-Министерството за обарзование и наука дава блок дотации до општините. Блок дотациите им ги исплативме на општините и нема што дополнително да даваме. На градоначалниците, училиштата и директорите е како ќе се организираат за да ја спроведат грејната сезона, така што ова не е прашање што треба да се упати до МОН – нагласи Јаневска по прес-конференцијата за реконструкција на државните студентски домови.
Според неа, ако Јакимовски има дополнителни барања, „треба да се обрати таму каде што треба, а не до МОН“.
-Очекувам сите училишта да имаат греење, зашто е невозможно да се учи без греење. Верувам дека градоначаникот кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата – додаде таа.
Јакимовски вчера ја повика Владата да ги покрие трошоците за греење на општинските основни училишта во висина од 8,3 милиони денари, зашто локалната самоуправа, рече, не е должна да го прави тоа. Јакимовски нагласи дека минатата година за децата да не останат без греење, Општината издвоила шест милиони денари зашто, исто така, Владата не сакала да ги плати сметките.
Станува збор за училиштето „Братство“ со неплатени сметки за греење од 464 000 денари, за „Јан Амос Коменски“ кое должи 1 130 000 денари, „Димо Хаџи Димов“ со 565 000 денари, долгот на ОУ „Владо Тасевски“ изнесува 1 030 000 денари, на „Војдан Чернодрински“ 2 180 000 денари, „Христијан Тодоровски Карпош“ 828 000 денари, „Лазо Трповски“ 1 008 000 и „Петар Поп Арсов“ должи 1 116 000 за парно греење. Единствено училиштето „Вера Циривири Трена“ нема долг затоа што таму се учи само во една смена и „Аврам Писевски“, кое се загрева на нафта.
Доколку денеска се пушти парно, 170 објекти во Скопје ќе останат без греење