Весна Јаневска - министерка за образование / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Јаневска: Сè уште бараме соодветно решение за момчето од ОУ „Лазо Ангеловски“

Министерството за образование и наука сè уште е во процес на барање најсоодветно решение за момчето од ОУ „Лазо Ангеловски“ од Општина Аеродром, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Таа ги негираше наводите за изјави од родители на деца од ова училиште дека до училиштето стигнало писмо од МОН во коешто се вели дека третоодделенецот ќе биде испишан и запишан во друга општина.

Бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“ поради проблематичниот ученик заврши – ќе биде преместен во друго училиште за 2 недели

– Информацијата не е точна дека има такво писмо од МОН. Прашање дали детето е проблематично или системот е проблематичен, и системот не е спремен да се справи со проблемите кои се појавуваат во него. МОН постапува според закони и свои можности, иако ингеренциите на МОН во овој случај се најмали. Тука многу поголеми ингеренции имаат училиштето, општината, социјалните служби. Но, ние детето нема да го напуштиме и сè уште сме во процес на барање на најсоодветно решение за момчето – рече министерката Јаневска на новинарско прашање.

МОН во декември лани, формираше интердисциплинарна комисија во врска со случајот со третоодделенецот од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје кој требаше да биде префрлен во Основното училиште „11 Октомври“ во општина Центар. Комисијата требаше да го разгледа случајот и да донесе мерки коишто ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани страни.

Третоодделенецот од чие однесување се жалеа родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар. Родителите на учениците од „11 Октомври“ ја бојкотираа наставата, па одлуката беше повлечена, а ученикот требаше да се врати во матичното училиште „Лазо Ангеловски“. Следеше повторно бојкот на наставата во ОУ во општина Аеродром. Проблемот времено беше надминат со донесување заклучок дека детето до крајот на првото полугодие ќе продолжи со онлајн настава, за да се изврши соодветна процена за заштита на детето и останатите деца во одделението

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот