Фото: ОУ „7 Март“, Челопек / Фејсбук

Јаневска: Просветниот инспекторат е на терен, ќе утврдува одговорност за приредбата во Челопек каде децата носеа амблеми на УЧК

Војската на УЧК и симболите не значат ништо за оваа држава. Војната и конфликтот предизвикаа жртви на сите инволвирани страни – порача министерката

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска соопшти дека Државниот просветен инспекторат е на пат кон основното училиште „7 Март“ во Челопек, за да го истражи настанот од минатата недела, кога се одржуваше приредба со ученици кои во еден дел од настанот носат униформи со амблеми на УЧК и пластични пушки. Јаневска соопшти дека дополнително имаат пријави и за училиште во Чаир, две во Тетово и едно во Струга и најави дека ќе постапуваат секаде каде што имаат докази и пријави.

– За сите училишта каде што имаме докази со слики и пријави дека се случувал немил настан, Просветниот инспекторат е на терен и очекуваме да ги дадат првичните информации. За да се изготват записници ќе треба малку подолго време – рече Јаневска.

Според министерката, децата треба да ги учиме на основите човекови вредности – недискриминација, соживот, разбирање, емпатија, а политиката не треба да биде присутна во училиштата.

– Да не биде неразјаснето – постапувам како министер по закон. Војската на УЧК и симболите не значат ништо за оваа држава. Војната и конфликтот предизвикаа жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат и жалат. Наместо да го заборавиме конфликтот и да ги образуваме во државата, ние малите деца ги учиме на воинственост и држење на оружје, па и позиции на стрелање, на нешто што не е поврзано со нашата историја – додаде таа.

Од политичката партија ДУИ обвинија дека „двојните стандарди и хипокризијата на оваа влада немаат крај“. Оттаму посочија пример, без детали за времето кога се случило и за карактерот на настанот, кога деца во училиште во Општина Аеродром носеле униформи на Комитите.

– Министерот за образование се заканува со санкции за едно училиште во Челопек, бидејќи децата Албанци на културен настан носеле униформи кои ја симболизираат историјата и гордоста на албанскиот народ. Ова е продолжение на антиалбанските политики што се спроведуваат во последните месеци, каде што секое изразување на албанскиот идентитет и историја се напаѓа и се третира како провокација – се вели во соопштението.

Јаневска, на ова одговори дека Комитите се дел од историјата на Македонија и се дел од наставната програма.

– Комити биле и Македонци, Албанци, Турци и други етникуми. Тие луѓе треба да ги чествуваме, тие кои се бореле за слобода и сопствена држава и просперитет на сопствената држава – додаде министерката за образование.

Инспекторите на терен треба да утврдат одговорност за организирањето училишна приредба во која учествуваат ученици облечени во воени униформи со амблеми на УЧК и со пушки во рацете.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот