
Јаневска призна дека нема книги за сите, до неа стигнале и поплаки за искинати учебници
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска призна дека има проблеми со учебниците, за повеќе различни одделенија, а осмоодделенците пак, кои останаа да учат по старата програма немаат никаков учебник за историја, бидејќи тој е повлечен уште пред шест-седум години.
Препорачано
Токму генерацијата осмоодделенци се соочува со најголем број недостојни учебници, затоа што тие се печатени пред повеќе од 10 години, а нивното предавање од генерација на генерација, досега два пати ги амортизирале (законски учебникот има живот од пет години).
„Од прво до трето одделение нема никакви поплаки. Во четврто одделение има проблем со учебникот по математика и ќе се обидеме да го решиме. Во петто, имаат нов учебник по историја и општество, во шесто имаат учебник по историја нов, а учениците во седмо, добиваат нови учебници по сите предмети. Во осмо одделение, предизвик е учебникот по историја, одобрен од минатите влади, а повлечен од 2019 година од МНР поради барањето на мешовитата комисија. Зошто никој од претходните министри не презеле нешто за учебникот, да биде испечатен нов, ќе мора да ги прашате нив. За 14 дена ќе биде објавен конкурсот за новите наставни програми за осмо одделение, а тоа значи дека догодина ќе има комплетно нови учебнци вклучувајчи и нова историја. Учебникот кој сега се дели по училишта не е одобрен учебник“, рече Јаневска.
Министерката кажа дека до неа стасале поплаки од родители кои се пожалиле дека нивните деца добиле несоодветни и оштетени учебници, по што кажа дека тие, согласно закон, се обновуваат на секои 5 години.
„Секако, можно е учебник да биде оштетен, затоа сме превиделе училишна комисија која го прима учебникот по користењето, па ако е оштетен, цената треба да ја плати родителот. Комисијата и директорите се должни да имаат евиденција и да побараат рефундирање на средствата. МОН не може да проверува учебници кај секој ученик“, рече Јаневска.
За учебници годинава потрошени се околу 11 милиони евра.