
Јакимовски: Владата на каубојски начин ни ја одзема салата „Партизан“, без образложение и само од ќеф
Советниците се против одземање на спортската сала од Општина Карпош, а вечерва и карпошани ќе го искажат својот револт.
Советниците во Советот на Општина Карпош, со исклучок на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска на вонредна седница гласаа против одземањето на салата „Партизан“ од локалната самоуправа и побараа да се преземат сите правни мерки за да се спречи ваквата постапка на Владата. Градоначалникот Стевчо Јакимовски ги повика и карпошани вечерва во 19.30 часот да се соберат пред салата за да го искажат револтот поради одземањето на салата.
Препорачано
Јакимовски вели дека пред два дена до нив стигнал мејл од Министерството за спорт и млади во кој се вели дека Владата на 17 јуни донела одлука за одземање на салата и предавање на управување на ова Министерство. Притоа, како што тврди, одлуката е донесена без никакво образложение зошто тоа е направено.
Оваа спортска сала ни е предадена на управување во декември 2023 година. По предавање на салата, извршивме увид и констатиравме дека салата е изградена, но дека има недостатоци – нема радијатори, не е приклучена на парно греење, нема ниту еден реквизит, салата нема вентилација. Како овде ќе се играат натпревари, некогаш внатре ќе има и над сто луѓе на тренинг, а не е решена вентилацијата. Нема клупи, нема закачалки, нема буквално ништо. Надвор осветлувањето ние го правевме, приклучоците за вода и струја исто така ги правеше Општина Карпош. Разговарав повеќепати со Агенцијата за млади и спорт и ми беше ветувано дека ќе биде средено. На 17 јуни минатата година испративме допис до Министерството за спорт дека во салата има недостатоци и што да правиме понатаму, но немаше одговор. Во меѓувреме салата протече и покажа влага. Не може да ни се предаде само со цевки, а да нема радијатори. Дали е тоа недостаток во проектот или изведувачот тоа не го направил. Не добивме одговор – вели Јакимовски.
Тој објаснува дека минатото лето разговарал со министерот за спорт Борко Ристевски и го замолил да дојде да ја види салата и да се договорат што да се прави и дали недостатоците и поправките ќе ги прави Општината или Министерството, затоа што, како што нагласи, доколку тоа го прави Општината, треба да се обезбедат пари во буџет, да влезат во програма, да се распишат тендери, да се спроведат постапки.
Како што тврди Јакимовски, министерот ветил дека ќе дојде но тоа не се случило, па на 25 ноември минатат година повторно испратил допис до Министерството. Потоа Општината обезбедила средства во буџетот за да се обезбедат минимум услови и реквизити за спортската сала да почне со работа. Пролетва салата е ставена во функција и во неа се одржаа ученичките спортски игри, а истовремено е распишан и конкурс со услови под кои спортските клубови можат да ја користат салата.
Јакимовски истакна дека со општински пари холтикултурно е уреден и просторот околу објектот, ставени се и канделабри за осветлување и дека досега Општина Карпош за функционирање на салата вложила 4 милиони денари, за сега Владата да донесе одлука за одземање.
Јавно прашувам, ние како Општина Карпош што погрешивме кон Министерството за спорт и млади? Вака ли треба да комуницира Влада и Министерство со локална самоуправа, која има свои органи, има градоначалник и има Совет? Нели е коректно да седнеме и да поразговараме ако имаат некои други намери? На кој начин тие одлучуваат на ваков каубојски начин да ја одземат салата: И замислете, одлуката на Владата нема никакво образложение, значи без никаква причина и само од ќеф ја одземаат салата за да ја употребат за нивни бизнис интереси мислејќи дека во оваа спортска сала има бизнис. Најодговорно тврдам дека тука нема бизнис, има трошоци – изјави Јакимовски после седницата.
Тој нагласи дека најодговорно и домаќински се однесуваат кон секој објект кој го добиле од државата, како на пример кон училиштата и градинките, во кои досега Карпош вложил повеќе од осум милиони евра. Општина Карпош ги сруши бараките и изгради нова општинска зграда која ќе биде најубавата во Македонија, а нивните градоначалници, како тој што се кандидира за Скопје, седи во никакви бараки.
Откако ѝ ја даде, Владата сега ќе ѝ ја одзема салата „Партизан“ на Општина Карпош