Profimedia
Фото: Профимедиа

Јака мачнина во бременоста го зголемува ризикот од ментални проблеми за повеќе од 50 отсто

Истражувачите од Универзитетот „Кралс Колеџ Лондон“ откриле дека силната, изразена мачнина во текот на бременоста го зголемува ризикот од ментални здравствени проблеми за повеќе од 50 отсто. Најголемата студија досега за трудници кои страдаат од силна мачнина и повраќање (хиперемезис гравидарум) идентификувала зголемени ризици од бројни невропсихијатриски и ментални здравствени исходи. Истражувањето е објавено во стручно списание за акушерство и гинекологија, пишува „Е-клиника“.

Силната мачнина погодува до 3,6 отсто од сите бремености и претставува најчеста причина за хоспитализација во првиот триместар. Истражувачите од „Кралс Колеџ Лондон“ и здравствената установа „Модсли“ спровеле студија во која учествувале 476 илјади трудници со дијагноза хиперемезис гравидарум. Ова е прва студија што ги истражува различните невропсихијатриски и ментални здравствени исходи кај жени со ова нарушување.

Жените со оваа состојба доживуваат продолжена и силна мачнина и повраќање, што доведува до дехидрација и губење на телесна тежина. Многу од нив стануваат анксиозни, изолирани и несигурни дали ќе можат да ја изнесат бременоста. Често се јавуваат анксиозност и депресија, а над половина од жените размислуваат за прекин на бременоста.

Ризик-факторите варираат од биолошки (болести на тироидна и паратироидна жлезда, дијабетес тип еден, историја на претходни бремености) до социо-економска состојба и етничка припадност. Една студија утврдила дека чувствителноста на хормонот ЏДФ-15 може да биде тригер за нарушувањето.

Истражувањето ги испитало 24 психијатриски и ментални исходи во рок од една година по дијагнозата. Откриено е зголемување на ризикот за повеќе од 50 отсто кај 13 состојби, вклучително и постпородилна психоза и посттрауматско стресно нарушување. Ризиците се удвоени за Верникеова енцефалопатија (невролошко нарушување поради недостаток на витамин Б1), синдром на повторно хранење, нарушувања во исхраната и депресија, особено постпородилна депресија, која е 2,7 пати поверојатна.

Д-р Хамилтон Морин од Институтот за психијатрија, психологија и невронаука при „Кралс Колеџ Лондон“ вели дека: „Многу трудници доживуваат мачнина и повраќање, но кај жените со хиперемезис гравидарум тоа е на ниво кое е далеку од нормално и може да биде сериозно исцрпувачко“.

Тој додава дека покрај зголемениот ризик од анксиозност и депресија, се забележува и ризик од потешки состојби како психоза, нарушувања во исхраната и Верникеова енцефалопатија, кои бараат итна проценка и третман заради безбедноста на мајката и детето.

Во најновата Меѓународна класификација на болести, хиперемезис гравидарум е поделена на „блага форма“ и „со метаболички нарушувања“. Втората категорија вклучува намалување на јаглехидрати, дехидрација и електролитен дисбаланс. Интересно е што потешките случаи покажале намален ризик од депресија во споредба со поблагите форми.

„Ова укажува дека тежината на состојбата не е секогаш пропорционална со менталното здравје. Затоа е потребна интегрирана грижа и за физичкото и за психичкото здравје на овие жени“, нагласува д-р Морин.

Главниот автор, д-р Томас Полак, истакнува: „До неодамна постоеше јаз меѓу тоа како медицината го гледаше ова нарушување и како жените го опишуваат своето искуство. Нашите наоди покажуваат дека ова не е само реално, туку и многу сериозно – хиперемезис гравидарум може да биде поврзан со тешки психијатриски нарушувања кои бараат итно препознавање и комбинирана грижа од самиот почеток на бременоста“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот