
Ја убедил дека е Бред Пит и ја „олеснил“ за 170.000 евра: Шпанка вљубена до уши во лажниот холивудски актер
Не е срамота понекогаш да се биде наивен, тоа им се случува на сите, но прилично е загрижувачки кога верувате дека сте во врска со холивудскиот срцекршач Бред Пит.
Препорачано
А, неименуваната жена од југот на Шпанија долго живеела во верувањето дека славниот американски актер ја сака токму неа и ниту една друга, пишува „Nuis Diario“.
Сепак, деновиве таа конечно поднела тужба против непознат измамник, и тоа откако тој измамник ѝ го скршил срцето и ѝ ја опустошил сметката за најмалку 170.000 евра, пренесуваат шпанските медиуми.
Случајот во јавноста го изнела адвокатката Антонија Естела Ароза, која објаснила дека нејзината клиентка, средовечна жена, навлегла во приказната дека таа комуницира со Бред Пит откако се приклучила на неговиот клуб на обожаватели на Фејсбук на почетокот на 2022 година.
Набрзо поверувала и во тоа дека стапила во романтична врска со Пит, а животот ѝ станал тотално искомплициран кога наседнала на ветувањето на „Бред Пит“ дека ќе дојде во Шпанија за конечно да ја бакне страсно и да ја промовира во филмска ѕвезда.
Имено, измамникот ѝ ветил на госпоѓата дека ќе ја вклучи во снимањето на филмот, а тогаш почнал да бара различни суми за да ги покрие трошоците на организацијата и неговото доаѓање.
Интересно, измамникот одвреме-навреме испраќал и фотографии од црвениот тепих на својата жртва, а често знаел и да ги украси со лични пораки.
Така, во една прилика ѝ испратил на несреќната госпоѓа фотографија од насмеаниот Бред Пит на која фотошопирал парче хартија со реченицата:
„Мила, навистина те сакам и ветувам дека ќе ти вратам сè. Мила, сѐ уште те сакам и сè уште сум тука за тебе.“