Ронен Бар, шеф на израелската безбедносна служба Шин Бет/Фото: EPA-EFE/GIL COHEN-MAGEN / POOL

Израел: Врховниот суд повика на компромис во случајот за разрешување на шефот на Шин Бет

Врховниот суд на Израел во вторникот вечерта побара од владата и јавниот обвинител да постигнат компромис во врска со разрешувањето на шефот на Шин Бет Ронен Бар, по долгото рочиште на кое ја испитуваше законитоста на контроверзната одлука.

„Даваме рок до после Пасхата (која завршува на 19 април) за да се најде креативен компромис“, пред да донесе одлука Судот, рече неговиот претседател, судијата Јицак Амит.

Рочиштето за жалбата за отпуштањето на Бар од Шин Бет почна вчераутро. По конфронтацијата меѓу поддржувачите и противниците на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, судот одлучи да ја избрка јавноста од судницата и постапката ја продолжи зад затворени врати.

При ризик од повторно разгорување на поделбите во израелското општество, Нетанјаху на 21 март одлучи да го разреши Бар, изјавувајќи дека ја изгубил сета доверба во него. Веднаш беа поднесени пет жалби против разрешувањето на шефот на Внатрешната безбедност, а Врховниот суд на Израел уште истиот ден побара да се прекине спроведувањето на владината одлука.

Врз основа на вчерашната одлука на Судот, Бар „ќе продолжи да ги извршува своите должности до понатамошно известување“, иако тоа ѝ дозволи на владата на Нетанјаху да бара потенцијални наследници, но забрани какво било „објавување на именување“.

Израелскиот премиер оваа одлука ја опиша како „чудна“. Владата одлучи да го отстрани Бар од функцијата шеф на Шин Бет најдоцна до 10 април. На разрешувањето на Бар се противи главно израелската опозиција, сметајќи дека е знак за авторитарните тенденции на Нетанјаху, но и израелскиот јавен обвинител Гали Бахарав-Мијара, кој ја окарактеризира владината одлука како „фундаментално погрешна“ и „извалкана од конфликтот на лични интереси на премиерот“. Владиниот адвокат Зион Амир ги осуди „чисто политички мотивираните жалби“.

„Одлуката да се прекине мандатот на шефот на Шин Бет е суштински погрешна, извалкана со конфликт на лични интереси на премиерот поради криминални истраги во кои се вклучени неговите роднини и ќе доведе до политизација на оваа позиција, рече Гали Бахарав-Миара во изјавата во петокот.

Миара во ова соопштение го објави деталното мислење што таа самата го достави до Врховниот суд на Израел, во кое ги оправдува своите наоди.

Од своја страна, Нетанјаху изјави дека владата може да одлучи по своја волја за да го разреши шефот на Шин Бет, кого го обвинува дека не го спречил нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Во писмото до Врховниот суд, Бар оцени дека неговото разрешување е повеќе поврзано со фактот дека тој не подлегнал на притисоците од Нетанјаху. Во исто време, шефот на Шин Бет го обвини израелскиот премиер дека се обидува да го искористи за да го одложи спроведувањето на неговото судење за корупција, при што Нетанјаху одговори дека тоа е „лага“.

Израелската опозиција и една невладина организација веруваат дека одлуката на владата произлезе од желбата на Нетанјаху да се ослободи од шефот на агенцијата што го истражува случајот познат како „Катаргејт “, во кој се вклучени соработници и луѓе блиски до израелскиот премиер.

Томер Наор, од Движењето за интегритет на моќта, кое поднесе една од жалбите, вчера за АФП изјави дека неговото движење побарало од судот „да запомни дека Ронен Бар е шеф на Шин Бет и одговорен за истрагата за случајот Катаргејт“.

Дафне Барак-Ерез, една од тројцата судии назначени за случајот, на крајот на вчерашната седница на Врховниот суд предложи разрешувањето на Бар да се одложи додека не заврши истрагата за случајот Катаргејт, со цел да се елиминира „конфликтот на интереси“, на што Амир одговори дека тоа испраќа опасна порака.

„Сите во Шин Бет ќе знаат дека за да останат на својата позиција, само треба да почнат истрага“, оцени таа.

Одлуката на владата на Нетанјаху да го разреши шефот на Шин Бет и да покрене постапка за разрешување на државниот обвинител на земјата, како и да ги продолжи воените операции во Газа по двомесечен прекин на огнот, повторно го разгореа протестното движење во Израел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот