
Израел не го продолжи контроверзниот закон за постојан престој на Палестинците
Гласањето во израелскиот парламент за контроверзниот закон со кој се забранува давање државјанство или постојан престој на Палестинците од Западниот брег или Појасот Газа кои се во брак со израелски државјани, заврши нерешено, со 59 гласа „за“ и „против“, а не било постигнато потребното просто мнозинство за продолжување на законот, кој истекува ноќеска на полноќ и се смета за неупсех на новата влада.
Препорачано
Исходот од гласањето ги одразува тешкотиите со кои се соочува новиот премиер Нафтали Бенет, од редовите на десницата, во водењето на идеолошки разновидната коалиција, која вклучува левичарски партии и арапската исламска фракција.
Двајца членови на Обединетата арапска листа биле воздржани, а поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху и претставниците на неговиот десничарски Ликуд, кои претходно го поддржувале законот, сега гласале против.
Израел го донесе законот, како привремена регулатива, во екот на палестинското востание, а повеќето од неговите приврзаници тврдат дека тоа помага во зачувувањето на безбедноста на Израел, додека други веруваат дека тој го зачувува израелскиот „еврејски карактер“.
Критичарите велат дека законот го дискриминира 21 процентното израелско арапско малцинство, кое го наследува палестинскиот идентитет, но се израелски државјани. Постојат исклучоци, но сè се разгледува од случај до случај.
Министерот за надворешни работи, центристот Јаир Лапид, ги молел пратениците да го поддржат законот. „Без тој закон, би можеле да имаме зголемување на палестинскиот тероризам“, напишал тој на Твитер.
Коалицијата, која има 61 од вкупно 120 члена во Кнесетот, го симна од власт долгогодишниот премиер Нетанјаху, ветувајќи дека ќе се фокусира повеќе на социјални и економски прашања и ќе избегнува чувствителни политички прашања поврзани со Палестинците.