
Израел: Макрон не е добредојден тука, нека размисли што рекол за признавањето палестинска држава
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, во разговор со својот француски колега Жан-Ноел Баро ја повика Франција да се откаже од иницијативата за признавање палестинска држава, оценувајќи дека таа ги загрозува интересите на Израел.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, во четвртокот го повика својот француски колега да се повлече од планот на Париз за еднострано признавање на палестинска држава овој месец, предупредувајќи дека францускиот претседател Емануел Макрон нема да биде добредојден во Израел сè додека оваа иницијатива остане на агендата, објави Тајмс оф Израел.
Препорачано
Во телефонски разговор, шефот на израелската дипломатија го повикал францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, да ја преиспита иницијативата на Франција за признавање палестинска држава, нагласувајќи дека „иницијативата ја поткопува стабилноста на Блискиот Исток и ги загрозува националните и безбедносни интереси на Израел“, според соопштението од кабинетот на Саар.
– Израел сака добри односи со Франција, но Франција мора да ја почитува позицијата на Израел кога станува збор за прашања од суштинско значење за неговата безбедност и иднина – истакнал Саар за време на разговорот.
Тој додал дека секоја посета на претседателот Макрон во Израел „нема место“ сè додека Франција „упорно ја турка својата иницијатива и ги промовира напорите што ги повредуваат интересите на Израел“.
Макрон го одбил Нетанјаху
Претходно, јавниот радиодифузер Кан објави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го условил барањето на Макрон за посета со откажување на иницијативата за признавање – барање што францускиот претседател го одбил.
Двајцата министри за надворешни работи разговарале и за ситуацијата во Појасот Газа, европскиот механизам за санкции против Иран, за Либан и за војната во Украина, се додава во соопштението на Саар.
Франција веднаш не издаде сопствено соопштение за разговорот.
Во услови на растечки критики, Макрон објави дека Франција официјално ќе признае палестинска држава за време на состанок на ОН во септември. Многу западни држави веќе го следеа чекорот на Париз.
Нетанјаху во четвртокот изјави дека ваквите потези се во спротивност со договорите меѓу Израел и Организацијата за ослободување на Палестина, кои предвидуваат дека спорните прашања ќе се решаваат преку преговори.
– Но, ако тие преземат еднострани чекори против нас, немојте да се чудите ако и ние преземеме еднострани чекори. Што точно ќе направиме, нема да откријам тука – рече тој.
„Признавањето на палестинска држава ќе ги влоши работите“
Во меѓувреме, американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека САД им порачале на други земји дека признавањето на палестинска држава ќе донесе повеќе проблеми.
– Им кажавме на сите овие земји, им кажавме јасно: ако се впуштите во ова со признавање, тоа е лажно, тоа дури и не е реално. Ако го направите тоа, ќе создадете проблеми. Ќе има реакција, ќе биде потешко да се постигне примирје и можеби дури ќе поттикне вакви акции какви што веќе видовме, или обиди за такви акции – рече Рубио, нагласувајќи дека нема да коментира за израелските дискусии околу анексијата на Западниот Брег бидејќи тоа не било конечна одлука.
Во писмо, испратено до францускиот претседател во средината на август, Нетанјаху се пожалил дека ветувањето на Макрон за признавање палестинска држава го поттикнува антисемитизмот.
Макрон минатата недела возврати, отфрлајќи ги критиките на премиерот и предупредувајќи дека прашањето на антисемитизмот не треба да се „користи како оружје“.