Дела од колекцијата на МСУ - Скопје се изложени во Љубљана

Изложбата „Ткаење светови: Колекции во разговор“ се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми

Големата изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“ со уметнички дела од 87 автори од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје (МСУ-Скопје) од 24 април е отворена во „Модерна галерија“ + Музеј на современа уметност „Метелкова“ во Љубљана, Словенија.

Изложбата ја отворија директорите на двете институции, д-р Тихомир Топузовски и д-р Мартина Вовк. Куратори на изложбата се Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ и Бојана Пишкур од „Модерна галерија“.

Делата во Љубљана ќе бидат изложени десет месеци, до 8 февруари 2026 година. Изложбата е дел од програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам на РС Македонија и конципирана е како реципроцитетна. Дела од колекцијата на словенечкиот музеј наесен ќе бидат изложени во МСУ-Скопје.

Во „Ткаење светови: Колекции во разговор“ се вклучени дела од 87 автори, од кои најмногу дела од РС Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики, дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија.

Изложбата е конципирана како конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ – Скопје и колекцијата „Артист 2000+“, како и националната колекција на „Модерна галерија“, Љубљана, и ги истакнува делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата.

– Нагласен е делот на наивната уметност. Вака селектирана и поставена, изложбата отвора процеп за создавање поинаков свет помеѓу западноцентричниот светоглед и специфичниот поглед кон локалните тенденции, наспроти дела кои реферираат на поднебјето кое ги изртило и каде има континуитет на изработка. Тука се делата на наивната уметност и природните материјали кои изобилуваат, земја, сено, ливадско цвеќе, но вклучени се и фотографии од документирани акции во природа и критички настроени инсталации кон екстракцијата и уништувањето на природата.

„Ткаење светови: Колекции во разговор“ се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот.

Изложбата во Љубљана зборува преку три сегменти: „Заборавен свет“, „Свет налик“ и „Свет во настанување“. Во првиот се селектирани дела изработени од природни материјали (земја, вода, отфрлени дрва, волна, живиот свет или, пак, реферираат на нив во конципирањето). Вториот го градат инсталации инспирирани од односот кон природата, тематски или визуелно, користејќи ги ресурсите на локалното поднебје, на некаква локална продукција која секогаш била во спрега со традиционалното (означено како народна традиција). Третиот дел го градат дела од наивната уметност и дела кои се стремат кон враќање на односот кон природата, со критички аспект кон индустријализацијата и искористувањето на природата – објаснуваат кураторите на изложбата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 278, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27.4.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот