Родољуб Анастасов – Автопортрет со птица (1985)

Изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“ ќе биде прослава на човековата добрина преку уметноста

Здружението „Архифакт“ – Скопје во Музејот на град Скопје на 25 февруари, во 20 часот, ќе ја отвори изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“, во чест на 90-иот роденден на доајенот на македонското сликарство Родољуб Анастасов.

Авторите на изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“, Јасминка Намичева и Екатерина Намичева Тодоровска, ги поканија сите студенти од сликарските класи на професорот Анастасов од ФЛУ (1980-2000 год.) да се приклучат со свое дело на овој јубилеен настан.

Со големо задоволство и извонредни сеќавања за педагошката работа на Анастасов со свое дело на изложбата учествуваат Новица Трајковски, Катерина Апостолска де Сиро, Славчо Соколовски, Бојана Артиновска, Јован Шумковски, Благоја Маневски, Константин Качев, Симонида Филипова Китановска, Жанета Вангели, Ѓорѓи Томовски, Миро Масин, Станислава Шаровиќ, Страхил М. Петровски, Ванчо Јаков, Малка Конеска, Борис Шемов, Елизабета Наумческа, Адем Сулејмановски, Новица Арсовски, Димитар Младеновски, Јован Балов, Ристо Мијаковски, Јулијана Гешоска, Светлана Коруновска Аџигогова, Виолета Сиљан, Владо Мукоски, Соња Куновска, Марија Величковска, Милош Милосављевиќ, Александар Спасовски, Весна Ничевска, Перица Георгиев-Пепси, Јана Куновска, Трајче Чатмов, Гордана Вренцоска, Александар Иванов, Наташа Андонова, Влатко Костовски, Слободан Биневски, Филип Блажевски, Тања Таневска, Горјан Ѓорѓиев. Изложбата ќе биде отворена за посета до 18 март 2025 година.

Покрај тоа што подари на својата Македонија безмалку 500 дела од целокупниот свој бесценет сликарски опус, што е одраз на неговото големо родољубие, сепак, тоа што е уште поголемо родољубие и тоа што самиот Анастасов го смета за свој најголем придонес кон општеството е што тој со својот спокоен и ненаметлив сензибилитет, затскриен зад навидум намќорестата молчалива физиономија, но, исполнет со бескрајна љубов и грижа за „другиот“, успеа да си обезбеди трајно место во срцата на своите ученици и студенти од Училиштето за применета уметност (1968 г.) и Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје (1980-2000год.), каде што предавал цртање и сликање на додипломски и постдипломски студии. Резултатот од многуслојната мисија на Анастасов низ образовниот процес на неговите студенти е видлив токму на оваа изложба, на која се претставени делата на 42 уметници.

– Радоста со која сите уметници кои ја прифатија поканата за одбележување на јубилејот – 90 години од раѓањето на „нивниот драг професор Љупчо“ – можат да ја пренесат само тие самите, но фактот колку голем интерес покажаа уметниците е дека првичната идеја да се соберат делата само на студентите од неговите сликарски класи се покажа како неважен, бидејќи желба да се приклучат изразија и студенти кои само ги следеле неговите предавања, како и магистранти, но и оние студенти, денес реномирани уметници, кои животот ги однел, речиси, на другата страна на планетата, па, така пристигнаа дела од Австралија, САД, Бугарија, Германија, Швајцарија, а сигурни сме дека некаде од небесата, се радуваат со нас и Димитар Младеновски, Јован Балов, Пепи Урошевиќ и Филип Блажевски, чии дела се дел од оваа изложба – посочија организаторите на изложбата.

Секој „учител“ би посакал, по безмалку 25 години од завршувањето на својата учителска кариера, да почувствува барем еднаш во својот живот ваква енергија и љубов, каква што возвратно ја имаат учениците на Анастасов кон него.

– Како што Манчевски во една реплика од неговиот филм „Врба“ вели: „Мајка – не раѓа, мајка – сака“, така и Родољуб, вградувајќи бескрајно многу љубов во своите ученици и студенти, создаде одлични уметници и брилијантни луѓе, со што животната мисија на човекот и учител Анастасов е повеќе од успешна. Токму затоа на оваа изложба се собраа „Сите деца на Родољуб Анастасов“ за да ја слават човековата добрина преку уметноста, така како што ги научи „великиот Анастасов“, и да се заблагодарат на човекот што ја вгради сета своја уметничка ука, човечка љубов и родителско внимание во генерациите кои минаа низ неговото даскалско ателје. На неговиот 90ти роденден се радуваме што ја имаме можноста да бидеме современици со „драгиот Љупчо“, кој покажа дека и по многу животни премрежија, човекољубието и уметноста се тие што го хранат духот на уметникот и го одржуваат во живот – истакнуваат од „Архифакт“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 269, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23.2.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот