Плакат за изложбата „Просторност и темпоралност“ / Дизајн: „Кома студио“

Изложбата „Просторност и темпоралност“ е поставена во објектот Чифте амам во Скопје

Отворањето на изложбата „Просторност и темпоралност“ (Spatiality and Temporality) ќе се одржи на 3 јуни, во 19 часот, во НУ Национална галерија на Македонија – објект Чифте амам. Изложбата ќе ја отвори д-р Сузана Милевска, кураторка и теоретичарка на визуелна култура. Изложбата ќе биде поставена до 13 јуни.

Оваа изложба е прва соработка меѓу три еминентни уметнички: Татјана Миљовска, Валентина Поцеска и Виолета Чаповска. Во фокусот на нивната изложба се истражувањата на заемните реципрочни врски меѓу категориите просторност и темпоралност и начините на кои тие категории се манифестираат во нивните уметнички практики и специфични визуелни јазици.

– Важно е да се нагласи дека не станува збор за некое мистично или метафизичко обмислување на комплексната категорија време-простор, категорија што ни е најмногу позната од физиката и философијата. Делата вклучени во оваа изложба пристапуваат кон просторноста и темпоралноста со специфични уметнички методи на истражување и укажуваат на нивната релевантна примена во студиите на меморијата, субјективноста, емотивното и интелектуалното позиционирање и, најважно, нивната релевантност за индивидуалните естетички транспозиции на индивидуалните ликовни поетики на секоја од авторките. Самите дела се концептуализирани поединечно и се изведени во различни уметнички медиуми, како што се просторните инсталации и интервенции (Миљовска), сликарството и колажот (Поцеска), и видеоперформансот (Чаповска).

Во Чифте амам, Татјана Миљовска поставува неколку просторно-специфични инсталации и интервенции коишто се дел од нејзиниот долгорочен проект насловен „Ткивo“ (2024/25). Инсталацијата на цртежи „Ткиво 1“ и инсталацијата и интервенцијата во простор „Ткиво 2“ се составени од акрилни цртежи на хартија поврзани во облик на различни вертикални структури што висат во просторот на Чифте амам.

Со серијата колажи инсталации „Ткиво“, Миљовска ја потенцира светлината – суштинскиот елемент што ги обединува феномените на просторност и темпоралност. Со тоа авторката неминовно го вклучува и феноменот на рефлексија – како во оптичка така и во метафоричка смисла. Важен е и фактот што во овие дела материјалната подлога, повеќеслојната хартија, апстрактните форми, како и суптилниот проѕирен колорит се поврзани во една комплексна палимсестна целина. На тој начин формата и содржината не можат да се разлучат, како што впрочем се испреплетуваат и мемориските матрици и траги во живите ткива. Така, со насловот „Ткиво“, Миљовска укажува и на еден друг вид меморија: висцералната меморија. Значи, не станува збор само за меморија ограничена во сивата мозочна материја, туку и за специфичната меморија што се акумулира во текот на животот во целото тело.

Валентина Поцеска ја изложува серијата колажни слики со заеднички наслов „Писмо“ (2024). Поцеска користи различни материјали и различни техники колажирани на платно. Почетната инспирација за „Писмо“ бил ѕидниот колаж, поточно архивата составена од фрагменти од личната историја коишто авторката ги залепила на ѕидовите од своето ателје во периодот на изолацијата поради пандемијата со ковид-19.

„Писмо“ претставува извесен пресврт во уметничката практика на Поцеска. Нејзините интереси се придвижуваат од боја и форма кон нарација, или според зборовите на авторката „од боја кон белина, од запад кон исток и од експресија на надворешни импулси кон интимното“. Колажираните материјали – почнувајќи од првото писмо до дедото во кое авторката се фали дека научила да пишува, до последната изложба во 2008 година, купот на ќеси од факсхелизим во кои бабата уредно ја складирала траекторија на семејниот живот, или картонската кутија полна со стари фотографии кои таткото на Поцеска ги сочувал на таванот, постапно се претвориле во естетски и емотивни метафори за неминовните врски меѓу помнењето и заборавањето, меѓу индивидуалните и интимни спомени и колективната амнезија. Самиот наслов е двозначен – укажува на интересот на авторката за епистоларноста, но и за консеквенците на писмото/пишувањето, како, на пример, при премостувањето на различни просторни дистанци и при зачувувањето на сеќавањата за различни периоди.

Во видеоперформансите „Сена“ и „Сикуена“ (2022) Виолета Чаповска ги продолжува истражувањата на водните пејзажи, во контекст на историските и архитектонските промени на околината. Делата се резултат на престојот на авторката во меѓународната резиденција „Cité Internationale des arts“ во Париз (2022), кога Чаповска имала можност да ги истражува кејот Бурбон (Quai de Bourbon) на париското островце Сен-Луј (Île Saint-Louis) на реката Сена и предградието Сикуена. Историјата на просторот – пред неговата урбанизација во 14 век – била основната инспирација за авторката при создавањето на двете видеа. Така, снимениот перформанс „Сикуена“ бил фокусиран на собирање на историски траги со што авторката ги преиспитува остатоците на долгогодишната редуцирана психогеографија на жените и вкоренетите стереотипни родови метафори за чистење и перење, типични за ова предградие на Париз.

Светлината, водата, рефлексијата, писмото, знакот, трагата, чистотата, се само некои од просторно-временските концепти и метафори карактеристични за изложените дела на Миљовска, Поцеска и Чаповска. Тие се провлекуваат и испреплетуваат во нивните поединечни ликовни концепти, но истовремено го генерираат и исткајуваат комплексниот наратив на целата изложба „Просторност и темпоралност“ – објаснува кураторката Сузана Милевска.

Она што ги мотивирало трите авторки за оваа меѓусебна соработка и за истовременото поставување на засебните дела во заеднички простор, е нивната долгогодишна професионална и пријателска релација и комуникација. Со оваа изложба авторките ги премостуваат временските и просторните процепи коишто – и покрај генерациската блискост – неминовно се појавуваат во текот на секое долгогодишно пријателство. Изложбата „Просторност и темпоралност“ е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот