
Изложбата „Наследена носија“ на Мила Добревска го пресликува духот на македонската жена
Во галеријата „Пионери“, на 25 септември, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба со наслов „Наследена носија“ на Мила Добревска. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на РСМ.
Препорачано
„Наследена носија“ го пресликува духот на македонската жена, преточувајќи ги традиционалните вредности во нови обележја на современото однесување. Во овој контекст наследените носии не се само облеката што ја носиме, туку и начинот на кој се претставуваме и како другите нè перцепираат, одразувајќи ги наследните особини и тенденции што нè прават препознатливи.
Изложбата се обраќа на помладата генерација како потсетник, токму за овие вредности и доблести кои остануваат нераскинлив дел од нас: добрина, љубов, критичка свест, истрајност и снаодливост. Овие карактеристики се претставени преку дуалистичка интерпретација на минатото и сегашноста, со споредби, хармонии, испреплетувања, создавајќи нови толкувања и адаптации.
Инспирирана од традиционалната орнаментика и вез, Мила ги преиспитува и прилагодува основните елементи на уметноста: боја, линија, површина, форма, материјал и простор користејќи рачно-моделирана цементна маса, површини посипани со стакло и иновативни техники на ткаење и сликање. Наследените вредности се преточуваат во нови форми кои смело се приклонуваaт кон современиот општествен контекст.