Изложбата ќе биде отворена на 4 септември, во 20 часот, во Продажен ликовен салон на КИЦ - Скопје

Изложбата на цртежи „Линиски одрази“ од Филип Перески ќе биде отворена во КИЦ – Скопје

Културно-информативниот центар – Скопје ја почнува есенската низа културни настани со самостојната ликовна изложба „Линиски одрази“ од Филип Перески, која ќе биде отворена на 4 септември, во 20 часот, во Продажен ликовен салон на КИЦ – Скопје.

– Академскиот уметник Филип Перески ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина и формата во тридимензионалниот простор. Неговиот цртеж и сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата.

Со хоризонталното протегнување и вертикалното извишување, брзите градации и збиената густина на линиите, уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции. Имено, преку репетиција на експресивните контрастни и збиени линии, тој дополнително креира длабочина во асиметричните композиции.

Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции. Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на академскиот уметник Филип Перески спонтано еволуира и се развива во апстрактно-асоцијативен израз – напиша м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, во текстот со наслов „Линија, форма и простор“.

Филип Перески е роден на 10.09.1990 во Прилеп. Дипломира во 2013 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на катедрата за ликовна педагогија, насока вајарство во класата на професор Станко Павлески. Член е на друштвото на ликовни уметници Прилеп (ДЛУП). Моментално живее и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп. Неговата изложба во Скопје ќе биде отворена до 16 септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!