
Изложбата „Мрак“ на Озбек Ајваз носи интеракција помеѓу нематеријалните концепти и опипливите материјали
Пред Мобилната/монтажна галерија на Центарот за современи уметности во Паркот на франкофонијата во Скопје на 23 август 2023 година беше отворена првата самостојна изложба „Мрак“ на скулпторот Озбек Ајваз, на која се изложени пет скулптури изработени од рециклирано железо.
Препорачано
Скулптурите што ги изработува Ајваз од рециклирано железо се во апстрактна и во геометриска форма. Неговиот уметнички израз е под влијание на Пабло Пикасо, Александар Архипенко, Марсел Дишан и Џулио Гонзалес.
– Светлината и стариот метал создаваат впечатлив контраст исто како интеракцијата помеѓу нематеријалните концепти и опипливите материјали. Оваа уметничка интеракција повикува на контемплација за природата на идеите и трајното присуство на физички артефакти, предизвикувајќи дијалог за еволуцијата на човечката мисла и трајното влијание на минатото врз сегашноста – истакнува авторот Озбек Ајваз за својата прва изложба.
Во однос на материјалите за работа Ајваз открива дека на почетокот, уште во факултетските денови, ги наоѓал во подрумот и од комшиите, а кога подрумите се исчистиле почнал да шета по отпади во Скопје, додека за реализацијата на скулптурите на почетокот има идеја со замислени материјали што му се потребни, а ако не успее да го најде тоа што треба, тогаш експериментира со тоа што му е при рака во ателјето.
Озбек Ајваз е роден 1999 г. во Скопје, РС Македонија. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Факултет за ликовни уметности во Скопје, на отсек вајарство, со модул сценографија во 2021 г., под менторство на проф. м-р Жарко Башески и проф. м-р Беди Ибрахим. На магистерски студии е на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Жарко Башески.
Во период од 2019 до 2023 година учествувал на повеќе групни изложби, симпозиуми и колонии во Македонија, Турција, Косово и Црна Гора. Во 2021 г. ја добива наградата за надежен млад уметник во Истанбул, Р. Турција. Од 2023 г. е член на ДЛУМ – Друштво на ликовните уметници на Македонија.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура на РСМ, а логистичката поддршка доаѓа од Општина Центар и Центарот за современи уметности – Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 193, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-28.8.2023)