
Изложбата „Мотиви од Хераклеја“ од битолскиот уметник Панде Петровски ќе биде претставена во Прилеп
Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 14 март, во 18:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Мотиви од Хераклеја“ од битолскиот уметник Панде Петровски. Со изложбата Центарот ја започнува реализацијата на годишната, обемна програма од областа на визуелните уметности, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Препорачано
Уметникот Панде Петровски е член на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметници на Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво).
Соработувал со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Од основањето во 2005 година учествувал и како координатор ја раководи ликовната колонија „Де Ниро“ – Битола, а учествувал и на уште дваесетина други меѓународни ликовни колонии во Македонија. Творештвото на Панде Петровски своевремено го анализираше новинарот Панде Манојлов.
– Во сите слики се наѕира филозофската задлабоченост на авторот, аналитичката и синтетичка рамнотежа на реалното и иреалното, на она што постои како артефакт и сликарска фантазија, како и според студиозното промислување на композициската целина, но и на поединечните целини во самата слика, ако се набљудуваат само делови од истата. Од нив блика еден тивок, но длабок изблик на емоциите историското минато да се одлепи од заборавот, незаборавно, но сега на платно, да прозборат паметниците, мермерот, исклесаните букви на тој мермер, да прозборат елените и рајските птици од мозаикот… Во античката цивилизација и култура се бара есенцијалното на универзумот, духот на совршенството, сакајќи, притоа, на платно да ја прикаже спиритуалната магичност, на Хераклеја, на овој мотив многу присутен, а истовремено и многу отсутен во делата на современите ликовни творци.
Сликите на Панде Петровски се полни со интимност, спокој, благост, со чуден спој на светлината и отсјај од минатото, слики кои побудуваат носталгични чувства на вечното панта реи. Слики со автентичен порив исполнети со лирска имагинација и сензибилитет, слики кои ќе останат како препознатлив дел од творештвото на овој битолски ликовен креативец и неговиот комплетен ликовен израз – напишал Панде Манојлов.
Дела на Панде Петровски се наоѓаат во Галеријата на современа уметност во НУ Завод и музеј – Битола, Галеријата на современа битолска уметност во КИЦ „Офицерски дом“ – Битола, Галеријата „Остен“ – Скопје, роднокрајниот музеј на Хомоље во Жагубица – Србија, како и низ повеќе приватни и државни збирки во Европа, Австралија и Америка.