
Изложбата „Бјути спот 3“ на Иван Аџиевски ќе биде отворена во галеријата во Паркот на Франкофонијата
Ликовната изложба „Бјути спот 3“ („Beauty Spot III“) на Иван Аџиевски, на која ќе бидат изложени слики работени во комбинирана техника со микс на медиуми на кои е претставен женски лик и акт во експресионистички манир со делумна апстракција, каде што субјектите имаат изразено издолжени портрети и физиономии, ќе биде поставена во Монтажната / мобилна галерија во Паркот на Франкофонијата во Скопје.
Препорачано
Изложбата е продолжување на претходната матрица на насликани портрети на девојки и женски акти претставени на изложбите „Бјути спот 1“ и „Бјути спот 2“. Секоја слика има различна претстава на темата со ново искуство, доживување и енергија.
Изложбата е дел од програмата за 2025 година на Центарот за современи уметности за реализација на изложби во Монтажната / мобилна галерија, а отворањето е закажано на 8 јули, во 20 часот.
Иван Аџиевски (1985, Скопје) завршил Правен факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2009 година. Во водите на сликарството влегува во 2018 година со реализација на својата прва самостојна изложба „Бјути спот“ во галерија „Концепт 37“, каде што беа изложени дела работени во комбинирана техника акрил на платно со претстава на женски лик и акт во експресионистички и кубистички манир.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 288, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.7.2025)