
Изложба во Музејот на современата уметност открива нови перспективи на флуидната модерност
Во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје на 1 март беше отворена изложбата „Калдер – Флуидна модерност“, каде е изложено едно од најпознатите и највредни дела во колекцијата на МСУ – Скопје, „Црвен полигон“ (1961) од американскиот уметник Александер Калдер. Изложбата е курирана од страна на Нада Прља и ќе трае до 25 март 2025 година.
Препорачано
Поставката „Калдер – Флуидна модерност“ е првата од четирите изложби коишто ќе се одржат оваа година и што ќе овозможат препрочитување на избраните дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје.
Други уметници претставени на изложбата се Роберт Адамс, Ај-O, Боб Бони, Виктор Вазарели, Жанета Вангели, Анхел Дуартe, Александер Калдер, Никола Карино, Ивон Крахт, Борко Лазески, Геза Пернецки, Бриџит Рајли, Хербет Фаерлихт, Жужа Сенеш, Мирослав Шутеј, со дела од колекцијата на МСУ – Скопје. Специјално поканета уметничка е Дорит Крајслер со звучното дело „Калдер свири (на) теремин“. Иструментот на Крајслер, теремин, бил активиран од движењата на мобилот на Александер Калдер, каде што произведениот звук послужил како основа за создавање на звучното дело.
– Нашето современо општество, кое го одбележуваат брзите промени, неизвесноста и непостојаноста во општествените, културните и економските сфери, често се толкува преку призмата на „течна (флуидна) модерност“. Поимот флуиден укажува на тоа како општествените структури – како што се семејството, работата и другите институции – стануваат сѐ поеластични (флексибилно работно време, некохерентни семејни релации итн.). Во овој контекст на брзи промени и нестабилност, се поставува прашањето за улогата и разбирањето на уметничките колекции од дваесеттиот век, како што е онаа на МСУ – Скопје, која опфаќа над 5.300 дела, претежно од модернистичкото наследство во периодот од 1945 до 1989 година.
Изложбата прави обид да одговори на прашањата како современите генерации, обликувани од флуидната модерност, пристапуваат кон уметничките дела од дваесеттиот век и како ги толкуваат? Кои концепти, идеи и последователно, уметнички дела навистина наоѓаат одѕив во современите гледишта?
Истражувајќи го, сѐ уште, присутниот магнетизам и привлечноста на редуктивниот пристап во апстракцијата (геометриската апстракција и оп-артот), концептуалната и другите нефигуративни форми на уметност, оваа изложба е отворен повик за гледање и толкување на делата од минатиот век селектирани од колекцијата на МСУ-Скопје од перспективата на флуидната модерност. Од Калдеровата „геометрија“ во движењето, па сѐ до непредвидливото во истражувањата на Вангели и Ај-O, оваа изложба потврдува дека наследството на XX век е сѐ уште витално, токму затоа што остава простор за флуидното, променливото и недофатливото – истакнуваат од МСУ – Скопје.

Соработници на проектот се Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски (куратори на колекцијата на МСУ – Скопје).
МСУ – Скопје изразува благодарност кон учениците од интернационалното школо НОВА, кои помогнаа при инсталцијата на новата изложба и на Амбасадата на Австрија за соработката околу делото на Дорит Крајслер.