
Изложба на графики и слики од Евгенија Трајковска е поставена во КИЦ – Скопје
Во Културно-информативниот центар – Скопје, во изложбениот салон „Империјал 2“, на 11 септември, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата на графики и слики насловена „Внатрешен негувател“ од Евгенија Трајковска. Изложбата се состои од два дела: графики и слики.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Графиките се мојата дипломска работа и го претставуваат оптимистот во мене. Меѓутоа често се навраќам кон критичарот кој преовладува, константно велејќи дека она што го правам не е доволно добро, потенцирајќи ја секоја грешка. Оптимизмот и негата кон самиот себе се два различни аспекти. Се чудам како кон другите луѓе имам однос кој верува во нив и ги поддржувам за ситуации за кои можам да сочувствувам, но сама кон себе одбивам да бидам нежна. Сигурно Фројд има некакво решение за тоа. Нејсе, сликите од оваа изложба го искажуваат чувството на несигурност, но и одлуката негувателот и критичарот во мене да се договорат конечно да соработуваат. Со текот на времето разбирам дека без разлика на околностите и луѓето во нашиот живот, ние самите кон себе мора да бидеме и најдобар пријател и најстрог критичар – истакнува авторката.
Евгенија Трајковска е родена на 23.12.2001 во Скопје. Завршува средно во гимназијата СУГС „Георги Димитров“ и дипломира на Факултетот за ликовни уметности на катедрата за графика и трансмедиумски практики.
Се занимава со стрип и илустрација, а по запишувањето на факултетот наоѓа пасија и во графиката. До сега има учествувано на стрип-конкурси, меѓународни проекти, факултетски и групни изложби и ја има остварено нејзината прва самостојна изложба во галеријата на Кинотека на Македонија (2023).
Попатно со нејзиното присуство на овие настани има освоено и награди, како: „Златен стрип“ (2018), доделена од Стрип центар на Македонија – Велес и „Драгутин Аврамовски – Гуте“ (2023), доделена од ФЛУ. Изложбата во КИЦ – Скопје ќе биде отворена до 22 септември.