
Изложба и уметничка книга на Јелена Белиќ ќе бидат претставени во Паркот на Франкофонијата во Скопје
Самостојна изложба на цртежи и арт-книга со наслов „Синило“ на Јелена Белиќ ќе бидат претставени на 19 септември, со почеток во 20 часот, во Мобилна / монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата во Скопје.
Препорачано
Настанот е во продукција на „Партизанска штампа“, Колектив „Ветерница“, „Смак Прес“ и Мобилна галерија на Центарот за современи уметности. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ и Општина Центар. За изложбата и книгата текст напиша Горан Стојчетовиќ.
– Првата самостојна изложба на цртежи со наслов „Синило“ на Јелена Белиќ покрај големиот квалитет, носи и силна потврда за постоењето на едно посебно творечко јадро во секој човек на планетата. Имено, цртежот што настанува од таквото јадро го нареков „длабински цртеж“. Длабинскиот цртеж опфаќа едноставен систем на цртачки техники кои се применуваат во однос на моменталните асоцијации, психосоматските реакции и миговите на свесни увиди на поединецот додека црта. Мислам дека процесот на длабински цртеж е најблиску до изворот на природните психички механизми кои создаваат соништа, визии, фантазии и халуцинации. Тој ги опфаќа импулсите од несвесните визуелни содржини на психата правејќи ги корисни за поединецот така што го фокусира на неговите реални творечки потенцијали и извори на енергија. Длабинскиот цртеж на тој начин е пат по кој поединецот ја гради својата слобода низ постојано ослободување, чекор по чекор, паралелно развивајќи ја и цртачката вештина.
Пред нејзините цртежи застануваме за миг, обземени од чудесната синевина од која излегуваат и во која повторно исчезнуваат најразлични белузлави нежни привиденија, сигурно никој нема видено нешто слично во живо. Мноштво ликови на антропоморфни и зооморфни суштества што нè посматраат, нивните меѓусебни односи, потоа мотивот на мајчинската љубов и семејството, идентитетските прашања, чувствата на осаменост и отуѓеност, го пронаоѓаат својот израз во цртежите на Јелена. Нејзините цртежи ме потсетуваат на фотографии на спелеолог, направени така што случајно се вклучил блицот од фотоапаратот и го сликал мракот пред себе. На тие фотографии убаво се гледа дека мракот, всушност, е полн со неосветлен живот. Токму така и авторката трпеливо дозволува да ѝ се појавуваат и развиваат разни застрашувачки мотиви кои ги прифаќа како свои и им дава нов живот во светлината. Со тоа постигнува духовна рамнотежа и внатрешна ревитализација – напиша Горан Стојчетовиќ.
Јелена Белиќ е родена во 1985 година во Гостивар. Таа е дипломиран инженер архитект на тема „Стратегии за обнова на македонското село“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.