Илхан Ќучук
Илхан Ќучук / Фото: МИА

Изборот е исклучиво на Македонија, подобар предлог од ЕУ нема да има, порачува Ќучук

Европската Унија нема да го смени ставот, нема да има подобар предлог за Македонија, но и никој не поставува дополнителни услови, уверува европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук пред денешната собраниска седница за уставните измени.

Во интервју за Бугарското национално радио (БНР) Ќучук вели дека иднината значи Северна Македонија и Бугарија да бидат заедно во НАТО и во ЕУ, а тоа, според него, е стратешки интерес на Софија.

– Нема да има промена на ставот на ЕУ. Ниту има желба, ниту пак, Европската комисија и Советот на ЕУ на неколку месеци пред европските избори ќе се занимаваат со промена на правилата.
Правилата се такви, договорени се и сите треба да ги почитуваат. Второ, нема да има подобар предлог, бидејќи овој е најдобриот. Никој не поставува дополнителни услови. И, ова не е никаков бугарски диктат, туку европски правила кои Северна Македонија мора да ги следи – порачува Ќучук.

Според него, изборот е исклучиво на Македонија, а ако ВМРО-ДПМНЕ не сака да биде на страната на европеизација на РСМ, одговорноста е на партијата. Но, предупредува, за жал, тоа ќе го запре патот на земјава кон ЕУ, и тоа не за кусо време. Ќучук уште додава дека сосема реално е Албанија да биде одвоена од Македонија, а причините за неуспех треба да се бараат единствено во Скопје.

– Треба да има јасен политички сигнал, односно обединети напори од сите. Дебатата може и треба да биде тешка кога се говори за внатрешнополитичките прашања, но за столбовите на интеграцијата, НАТО и ЕУ, односно за цивилизацискиот избор на државата, треба да има единствен став – следење на стратешките приоритети. Таков е и бугарскиот пример – изјави Ќучук.

Притоа потсетува дека условите не се бугарски, туку европски и дека за нив се согласиле и Софија и Скопје.

Во однос на историските прашања, вели дека политичарите не треба да се мешаат во историјата.

– Историјата треба да им се остави на историчарите, а политичарите треба да гледаат во иснината. Денешните политички елити од двете земји имаат за решавање многу поинакви работи како бизнис релациите, културата, образованието. Значи се што треба да бие направено за да можат двете држави да бидат поблиски, имајќи го предвид заедничкото минато за да можат да бараат заедничка иднина во рамките на ЕУ – вели Ќучук.

Тој признава дека ќе има тензии меѓу двете земји, а многуте работи што се направени можат да бидат избришани со еден вандалски чин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот