
Изборна битка меѓу Кичево и Крчова
Градот во западна Македонија останува епицентар на меѓуетничката изборна битка, односно изборен трофеј за македонскиот или за албанскиот политички блок. Партиите од албанскиот кампус сериозно сметаат на гласовите од дијаспората, но и македонскиот блок има стратегија, но не ги открива картите
Кичево, Брвеница и, евентуално, Чашка и Долнени – се четирите општини каде што на локалните избори се очекува меѓуетничка битка, а во вториот изборен круг е можен и изборен дуел меѓу владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, односно меѓу партијата што ја предводи Христијан Мицкоски и Националната алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ.
Ова значи дека партиите од албанскиот политички кампус за изборите на 19 октомври сериозно сметаат на гласовите од дијаспората. И македонскиот политички блок има стратегија, особено за Кичево, но не ги открива картите. Кичево останува епицентар на меѓуетничката изборна битка, односно изборен трофеј за македонскиот или за албанскиот политички блок.
Препорачано
Не случајно за тие општини не падна договор за меѓусебна поддршка на владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди. Двете коалиции на претстојните локални избори имаат свои кандидати, што не е случај со Тетово, Гостивар и Струга каде, според очекувањата, битката ќе биде меѓу НАИ и Вреди, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не номинираа свои кандидати.

Адутот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кичево е лекарот Александар Јовановски, кој се очекува да добие поддршка и од СДСМ, зашто партијата на Венко Филипче не излезе со свој кандидат. ВМРО-ДПМНЕ игра на картата дека Јовановски како лекар, но и поради семејните релации (сопругата му е Албанка), на свое конто ќе прокнижи и „албански“ гласови. Целта на ВМРО-ДПМНЕ е да го симне Дехари од местото градоначалник. Кандидатот на НАИ и на претстојните избори ќе атакува на четвртиот мандат како градоначалник на Кичево.
Јовановски, Дехари или Лимани
И додека македонскиот блок за Кичево, условно кажано, настапува „обединет“, во албанскиот блок битката ќе ја бијат актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од ДУИ, Фатмир Лимани од Вреди и независниот Шкодран Алили. И ДУИ и Вреди и на овие избори сметаат на гласовите од дијаспората, кои од првиот мандат на Дехари во 2013 година се покажаа дека се клучни за изборната победа. НАИ и сега ја мобилизира дијаспората на денот на изборите да дојде во Кичево. Дека Кичево е „етнички трофеј“, потврда е и објавата на Фејсбук на градоначалникот Фатмир Дехари за прослава на својот 51 роденден.

„50 + 1, во предизвик со времето, но секогаш со нова енергија. Нека се издигне албанскиот јазик над Кичево, Албанците се мобилизираат“, напиша Дехари и повика на единство.
На поддршка од дијаспората се надева и министерот за социјална политика и кандидат на Вреди Фатмир Лимани. Тој веќе ја посети албанската дијаспора во Швајцарија.
„При топла средба со кичевските иселеници во Швајцарија го претставив четиригодишниот развоен план за градот, со посебен акцент на незаменливата улога на дијаспората во овој процес. Кичево нема иднина без дијаспората. Секој развоен проект мора да ја носи вашата трага. Јас сум решен да изградиме администрација што ќе работи чесно, ефикасно и во вистинско партнерство со вас. Оваа средба уште еднаш потврди дека дијаспората не е само финансиска поддршка, туку и огромен човечки, професионален и интелектуален капитал за иднината на Кичево. Времето на еднонасочна релација заврши. Од денес, иселеништвото станува стратешки партнер во секој чекор на развојот и трансформацијата на нашиот град“, вели Лимани во објава на Фејсбук од посетата во Швајцарија.

Ова навестува жестока битка за Кичево меѓу Дехари и Лимани за влез во вториот изборен круг и директен судир меѓу владините партнери, преку Јовановски и Лимани, ако тој влезе во вториот изборен круг.
Не помалку жестока ќе биде и битката за градоначалник на Брвеница, каде веќе имаше „искричења“ помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди. При отворањето на изборниот штаб на Вреди, Билал Касами повика Албанците да си ја вратат Брвеница, a Мицкоски му порача „да не влегува во фолклорот на ДУИ“.
Актуелниот градоначалник на Брвеница Јовица Илиевски се кандидираше на нов грдаоначалнички мандат, додека кандидатот на Вреди за таа општина е директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа Хаќим Рамадани. НАИ во Брвеница ќе ја поддржи независната кандидатура на Енвер Пајазити.
Во Чашка, директно ќе се судрат кандидати на СДСМ и на НАИ, додека во Општина Долнени во борбата за градоначаник се пријавени седум кандидати.
Карактеристика за изборите на 19 октомври е дека првпат најголемите партии од македонскиот политички блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, немаат кандидати за Тетово, Гостивар и за Струга. Ова беше предизвик Левица во тие општини да истрча со свои кандидати, што беше повод за канонада обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ и Вреди кон Левица.
Според Мицкоски, Левица е во сојуз со ДУИ
Мицкоски за кандидатурите на Левица во трите општини изјави дека целта на коалицијата помеѓу Левица и ДУИ за локалните избори во Тетово, Гостивар и Струга е раслојување на „антидуи“ гласовите во тие општини и дека единствениот сојузник, кој во моментов се обидува да ѝ фрли гума за спасување на ДУИ, е Левица.

– Ние знаеме, не сме од вчера во политиката – рече премиерот и додаде дека шансите да победи кандидатот за градоначалник на Левица во Гостивар или во Струга не се ни теоретски, но доколку би „извадиле“ кандидат за градоначалник, на пример, во Велес или во Штип – шнасите за победи им се на ниво на теорија.
Првиот вицепремиер и кандидат на Вреди за градоначалник на Чаир Изет Меџити оцени дека номинациите на Левица за градоначалници во тие општини не се случајни, туку дека се тесно поврзани со соработката што оваа партија ја има со ДУИ. Тој додаде дека кандидатурите на Левица во „албанските“ градови не е независен чин, туку дел од заедничко сценарио со ДУИ.
– Кандидирањето на кандидатите на Левица во албанските градови е во функција и во интерес на нивната соработка со ДУИ – рече Меџити.
Според Вреди, ДУИ во коалиција со Левица го предава достоинството на Албанците и европската иднина на Македонија.
Бујар Османи од ДУИ остро реагираше на обвинувања дека ДУИ наводно има некаква коалиција со Левица, оценувајќи ги ваквите конструкции како очајнички обиди на Вреди да го ублажи ударот од претстојниот изборен пораз.
Од Левица, пак, порачаа ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да не се „бламираат“ и дека ВМРО-ДПМНЕ коленичи пред Вреди.
– Поврзувањатта на Левица со ДУИ се крајно смешни. Ние никогаш сме немале договори со ДУИ и така ќе остане – велат од Левица.
Ќе го „лапне“ ли Мицкоски со помош на Филипче градот-упориште на Ахмети?