Судски совет - Уставен суд / Фото-колаж: Слободен печат

Изборите ќе го одложат пополнувањето на Судскиот совет и на Уставниот суд со нови членови

На Миљазим Мустафа од Судски кому му истече мандатот, и на Елизабета Дуковска од Уставен, која се врати во Апелацискиот суд, замените ќе им се бараат најверојатно по локалните избори

Локалните избори кои треба да се одржат во октомври најверојатно ќе го забават предлагањето нови членови во Судскиот совет и во Уставниот суд. На Миљазим Мустафа му истече мандатот како член на Советот, а претседателката уште нема предложено ново име. Судијката Елизабета Дуковска од Уставен, пак, се врати во Апелацискиот суд, бидејќи Управниот суд по две години одлучи дека при нејзиниот избор била прекршена процедурата.

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова кажа дека ќе го чека носењето на новиот Закон за Судски совет, кој е уште во владина процедура, а Судскиот совет допрва ќе го поправа Правилникот за оценување на судии и, по сè изгледа, ќе предложи нов член во Уставниот суд исто така по изборите.

На првата наредна седница, Судскиот совет ќе донесе конечен заклучок како ќе работи откако се распишаа изборите, но извесно е дека нема да се избираат и разрешуваат судии за да нема некаков сомнеж за мешање на политиката во работата на ова независното судско тело.

– Тоа сè уште го разговараме со колегите и на првата наредна седница ќе донесеме соодветна одлука дали и како ќе постапуваме и во која фаза во предметите ќе постапуваме. Внимаваме да не се доведе под сомнение нашата работа или, не дај боже, да нè поврзат со некои политички случувања затоа што се избори, голема е опасноста некоја наша одлука да се толкува на таков начин. Мислам дека на сите ни е „чисто“ дека пред избори нема разрешување судии, но секако за тоа ќе донесеме одлука на седница… Ќе запреме со постапките за да не предизвикуваме било каков сомнеж, тие постапки ќе запрат до завршување на изборите – претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски.

Тоа значи дека ако се запрат активностите на Советот, тие нема да одлучуваат ниту за иницијативите за разрешување на судиите од Управниот суд што ги поднесе уставната судијка Дуковска, иако Камбовски тврди дека за дел од тие претставки веќе се постапувало, но сепак ќе зависи од заклучокот кој ќе го донесат.

– Во зависност од тоа каква одлука ќе донесеме во смисла дали ќе постапуваме сè до онаа конечна одлука, дотогаш не можам ништо да ви кажам, не само за тој предмет, туку општо, за сите – изјави Камбовски.

Иако се најавуваа измени во Правилникот за оценување уште пред годишните одмори, Камбовски вели дека ќе го искористат овој период на затишје за време на изборите и ќе правеле мини-реформа, односно ќе го сменат Правилникот.

– Овој период ќе гледаме да го искористиме за внатрешна мини-реформа, да направиме измени во Правилникот за оценување на судии. Знаете дека имаше и има големи реакции од судиите. Јас, како судија, сметам дека сегашново решение не е најдобро решение. Ќе работиме на тоа, на Правилник, односно утврдување на начин како ние ќе номинираме судија за Уставниот суд, со оглед на тоа како заврши претходното номинирање. Излезе дека била повредена некоја процедура, иако кај нас нема никаква предвидена процедура. Затоа сакаме да предвидиме процедура и да им биде јасно на сите судии кои се условите и кои се критериумите, да нема воопшто простор за сомнеж кај судиите, затоа што тие се оние кои ќе се кандидираат, односно ние треба да ги предложиме како кандидати – рече Камбовски.

Свечена изјава пред членовите на Судскиот совет конечно, по пет месеци откако беа избрани, дадоа избраните судии Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Сиљаноска Костадиновска, Кети Германова, Благица Ѓошевска и Артан Лимани.

Петмина од нив доаѓаат од Основниот граѓански суд, а Ѓошевска од Основниот суд Крива Паланка. Тие ќе судат во граѓанскиот оддел на Апелацискиот суд, а за нивниот избор имаше жалби. Никој од нив не даде изјава за медиумите, но сопругата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, Сиљановска Костадиновска, имаше забелешки на тоа што медиумите, наместо да пишуваат за нејзиното долгогодишно искуство во граѓанскиот суд, најбитно им било презимето.

На огласот за избор на 10 судии на Апелацискиот суд Скопје, Судскиот совет, освен овие шестмина за граѓанска област, избра и четворица судии за кривична област.
Камбовски уште еднаш апелираше за повеќе пари во судството и рече дека се надева дека со буџетот во 2026 година тоа ќе се случи, затоа што, како што кажа, нема недостиг само на судии, туку и на стручни соработници, советници, записничари…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот