Избор на работникот е дали ќе работи прекувремено

Работници на кородорот 8/Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Судиите сметаат дека писмената согласност претставува дополнителна заштита на работникот дека не може да му биде наложена прекувремена работа спротивно на неговата волја и над законскиот лимит

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на три члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи. Судот не ги прифатил наводите во иницијативите на политичката партија Левица, Хелсиншки комитет за човекови права, Сојуз на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, бидејќи Судот не најде неуставност во одредбите што уредуваат, меѓу другото, и прекувремената работа за проекти од стратегиско национално значење.

За потсетување, со оспорениот член 117-а е предвидено дека по исклучок за работа на проекти од стратегиско национално значење, а поради потребата од континуитет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна писмена согласност на работникот. Иницијативата беше поведена поради несогласувањата на синдикатите и на граѓанските организации во врска со работните часови за изградба на коридорите 8 и 10Д, што треба да ги гради конзорциумот

 

– Неосновани се наводите дека не е предвидена горна граница на прекувремената работа. Таа е определена токму во ставот 2 на оспорениот член, односно дека работата над 40 часа неделно се смета и се плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на одредбите за дневен и за неделен одмор во согласност со членовите 133 и 134 од Законот за работните односи. Токму овие членови го регулираат правото на дневен одмор, односно правото на работникот да има дневен одмор од 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена и правото на работникот на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато. Во однос на писмената согласност од страна на работникот, членот 32 став 4 од Уставот предвидува дека секој има право на платен дневен неделен и годишен одмор и дека од тие права вработените не можат да се откажат. Токму формулацијата на оспорената законска одредба дека „ниту еден работник не може да биде распореден да работи прекувремена работа без негова согласност“, според Судот упатува дека прекувремените работни часови се негов избор, а не обврска – стои во образложението на Уставен суд.

Судиите сметаат дека писмената согласност претставува дополнителна заштита на работникот дека не може да му биде наложена прекувремена работа спротивно на неговата волја и над законскиот лимит. Во овој контекст Судот ја зел предвид и Европската социјална повелба на Советот на Европа од 1961 година, која ги гарантира социјалните и економски човекови права и која во Македонија се применува од 2005 година. Според таа Повелба, признато е правото на правична заработувачка, но и правото на зголемена заработувачка на работниците за прекувремена работа, со исклучок на некои посебни случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот