
Ивановска: Очекуваме засилена борба против корупцијата со вицепремиерот Николовски
Вицепремиерот Николовски најави дека ќе ги координира институциите задолжени за борба против корупцијата
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција откри дека постои широко поле за соработка, по средбата со новиот вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.
Препорачано
– Го поканивме на првична средба и заклучивме дека ќе имаме засилена соработка. Му пренесов со што се соочуваме, на што тој рече дека Владата ја согледала потребата од министерска позиција за ова прашање, бидејќи е навистина важно, а токму корупцијата често ја нотира и Европската комисија. Допрва ќе зборуваме за практиките што се во домен на Владата, на пример, сугерираме да се назначуваат професионалци во Управните одбори, вели во кусата изјава за Слободен печат првата антикорупционерка, Билјана Ивановска.
Претходно на својот фејсбук профил новиот вицепремиер Николовски истакна дека „како човек задолжен да ги координира напорите на институциите од извршната власт задолжени за борба против криминал и корупција, како и човек кој треба да алармира на можни случаи на висока корупција, не бегам од одговорност и подготвен сум за работа“.
Неофицијално, според владини извори, надлежностите на новиот вицепремиер за борба против корупцијата се финализираат и наскоро ќе бидат презентирани.