
Ива Младеновска: Сонувам за успеси со репрезентацијата и во Лигата на шампионите
Младата ракометарка (15) го покажа својот голем потенцијал уште еднаш на неодамнешното СП до 18 години, каде беше една од најзабележителните во македонскиот тим. Ива има големи амбиции, а општа оценка е дека има и способност да ги оствари
Ива Младеновска (15) важи за најталентираната млада ракометарка во Македонија, а со своите настапи во репрезентацијата и во својот клуб Металург константно го докажува тоа. Последната можност да го покаже талентот беше на настапите за репрезентацијата на Македонија на Светското првенство до 18 години. Македонија го освои 12. место од 32 репрезентации, а Младеновска постигна вкупно 19 голови, со што беше четврта по ефикасност во нашиот тим. Четврта беше и во асистенции (7). Настапи на шест од седумте мечеви.
Препорачано
– Задоволна сум од пласманот на ова СП, но знам дека како тим (и индивидуално) можеме да покажеме повеќе, а верувам и дека тоа ќе го докажеме во иднина. Сметам дека најголемиот квалитет на оваа репрезентација е нашата верба и желба за победи и успеси. Секако покрај ова има и многу други квалитети на кои што ако се работи ќе има многу поголеми успеси– вели Младеновска за неодамна одржаното СП во Скопје.
Младеновска, меѓу другото има и два индивидуални трофеи. Беше прогласена за МВП на ЕХФ-шампионатот во Литванија, каде пред една година кадетската репрезентација на Македонија го освои првото место и на Купот на Македонија во мај, кога Метлаург го освои трофејот.
– Сите достигнувања ми се драги, но ако треба да издвојам некои, сметам дека најголеми и најомилени ми се трофејот на шампионатот во Литванија и трофејот на Купот на Македонија. Имам посебни натпревари на кои што сум била најсреќна, како финалето против Исланд во Литванија и финалето од Купот на Македонија – вели Младеновска.
Таа го забележа и својот прв настап во сениорскиот тим на Македонија минатиот октомври во мечот со Црна Гора во рамките на ЕХФ-купот.
– Горда сум што добив прилика во сениорската репрезентација. Ако повторно добијам шанса, ќе дадам се од себе да покажам добра игра – вели Младеновска.
Нејзините амбиции се високи, но таа сигурно има талент да ги оствари.
– Моите амбиции се играње на највисоко ниво, во Лигата на шампионите и на големи натпреварувања со Македонија, а сонувам и за трофеи од истите тие натпреварувања – вели Младеновска.
Според неа, квалитетот на една ракометарка доаѓа со спојување на талентот со напорна работа.
– Мојот квалитет се должи на љубовта кон ракометот, а со тоа доаѓа и напорната работа. Секако тука е и вродениот талент, но без напорна работа не би ги постигнала овие успеси – вели Младеновска.
Ива Младеновска започнала со ракомет по влијание на мајка и која исто така била ракометарка. Уште во основно училиште била решена да се посвети на овој спорт, а започнала со осум години со тимот на РК Кастратовиќ. Агенцијата за млади и спорт ја прогласи за најдобра млада спортистка во Македонија за 2021 година.