
Итната помош извршила 13 интервенции во Трубарево – жена завршила на Токсикологија
Директорот на Клиниката за токсикологија, Арѓенд Имери, соопшти дека пациентката од Трубарево е задржана на лекување поради дополнителни симптоми, но е во добра состојба, а уште тројца прегледани пациенти се пуштени дома.
Извршени се 13 интервенции од Итната медицинска помош во текот на изминатата ноќ, заклучно со попладнево, во реонот на Трубарево. Притоа, едно лице е транспортирано во болница и извршен е транспорт на неподвижно лице до друго населено место, соопшти Министерството за здравство во понеделникот.
Препорачано
Во пишаната изјава на министерот за здравство, Азир Алиу, се истакнува дека Министерството за здравство ги следи состојбата и здравствениот систем е мобилизиран за справување со новонастанатите предизвици.
„Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Воедно, кризниот штаб што веднаш како Министерство го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки согласно околностите“, истакна Алиу.
Пациентката која во текот на ноќта е примена на Клиниката за токсикологија е во добра состојба, потврдува директорот на клиниката, Арѓенд Имери.
„Пациентката имала и други пропратни симптоми и од тие причини е задржана на лекување, но најважно е дека се наоѓа во добра состојба. Денеска во текот на денот уште тројца пациенти се амбулантски прегледани на Клиниката и пуштени дома“, информира Имери.