Италијанскиот инвеститор ги презентираше плановите за Попова Шапка: Ќе се скија најмалку 100 дена, ќе се гради населба со приватни викендички

Се планираат инвестиции во два резервоари за вода од кои во зима ќе се прави вештачки снег, а во лето би се користеле како летни атракции. Глоса: Планирани се и 4 хотели, два планинарски дома, пицерија и ресторан за носење храна

Попова Шапка има прекрасна иднина, се наоѓа на средината на Балканот, на повисока надморска височина, близу е до аеродром, има население и има потенцијал за туристите, како во зимската, така и во летната сезона. Тоа се причините што ги наведе Ерих Гумерер, еден од основачите и сопственици на италијанската компанија „Техно Аплин“, за големата инвестиција од 180 милиони евра што треба да се направи на Попова Шапка.

Вчера во Владата компанијата „Техно Алпин“ во присуство на министерот за животна средина Насер Нуредини го презентираше бизнис-планот што ќе се одвива во 6 фази, а првата е 55 милиони евра, за периодот од 2023 до 2028 година.

– Сакаме да ја сочуваме суштината, да донесеме нови инвестиции, а со тоа и многу повеќе луѓе на планината. Сакаме да ги интегрираме постојните падини и да направиме нови, да одиме кон северниот дел и таму да го развиеме скијањето. Планираме 16 нови ски-патеки на кои ќе може да скијаат и почетници и експерти, исто и изградба на 9 нови жичарници, а за почеток две. Во првата фаза се и системите за вештачки снег, целосно автоматизирани и поврзани со нашите системи. Сакаме најмалку 100 дена да има скијање. Сакаме да инвестираме во ратраци, за почеток во два, а да има вкупно 7. Би инвестирале и во два резервоари за вода од кои во зима ќе се прави вештачки снег, а за лето би се користеле како летни атракции. Ќе инвестираме во крос кантри скијање и ќе изградиме 15 нови патеки – објасни Немања Џого од „Техно Алпин“, кој претставувајќи се себеси, објасни дека по потекло е од Сараево.

Џого рече дека паралелно со скијачките патеки и жичарниците за во зима, како и велосипедските патеки за во лето, ќе се градат и сместувачки капацитети.

– За почеток ќе има два нови спа-хотели со 4 ѕвезди од вкупно четири предвидени хотели, а и ќе ги искористиме и постојните сместувачки капацитети. Исто така би имале и викендички – приватни, тие се многу важни и битно е да бидат блиску до ски-центарот. И патеките за почетници би биле блиску до нив. Планирани се и два планинарски дома со 160 места и пицерија, па нели сме ние од Италија?! – низ смеа вели Џого и дополнува дека ќе има и ресторан за храна за носење.

Во плановите на инвеститорот се и три нови паркинзи и улици до новите хотели.

Министерот Нуредини рече дека, за жал, засега не е искористен потенцијалот што го има Попова Шапка, објектите се стари, опремата – исто така, а и скијањето е врзано исклучиво за временските околности затоа што нема системи за вештачки снег. Исто така, тој потсети дека жичарницата од Тетово до Попова Шапка е неупотреблива, а без неа не може да се развие центарот на посакуваното ниво.

Нуредини потенцираше дека вчерашната презентација во Владата има за цел транспарентно да се претстави новиот инвеститор, што Владата го избра за стратегиски.

Гумерер од „Техно Алпин“ објасни дека тие во глобални рамки опфаќаат 60 отсто од пазарот на системи за вештачки снегови.

– Нашата мисија е да гарантираме добро скијање, скијачите сакаат добар, квалитетен снег, најдобри падини, а ние ги правиме системите за вештачки снег. Компанијата е основана во 1984 година, но вистинскиот почеток е од 1992 година при што еволуиравме во високотехнолошки фази на правење снег. Први сме на пазарот за системи за вештачки снег, имаме пазарен удел од 60 отсто и испорачуваме сè што е потребно за системите. Тие не значат само правење снег, тие се многу сложени, значат напојување со струја, пумпни станици – објасни Гумерер.

Претставувајќи ја својата компанија, тој рече дека таа прави и системи за вештачки снег во внатрешни простории, како и противпожарни системи за кои нагласи дека нема поголем град во светот што ги нема. Компанијата исто така прави и машини за лед, што ги продава низ целиот свет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот