Дејан Докузовски од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ и Софија Ристова од Агенцијата Рејтинг/Фото: Слободен печат

Истражување за медиумската писменост кај средношколците: Инстаграм и ТикТок се најпопуларни и веруваат во содржините

Медиумската писменост не само како способност да се читаат, разбираат и креираат медиумските содржини туку и критички да се пристапува кон нив е многу важен сегмент од образованието на младите кој ќе ги подготви да бидат информирани, одговорни и активни граѓани на општеството.

Истражувањето кое преку јавна набавка го финансираше Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)  покажува дека средношколците во Македонија знаат како да ги користат дигиталните уреди, но им недостасува основа за препознавање на тоа што е реално, а што не е.

Истражувањето го спроведе Агенцијата Рејтинг и во него учествуваат вкупно 884 ученици, од средните стручни училишта и од гимназиите, на возраст од 14 до 17 години, средношколци во прва и втора година.

Дури 86 проценти од учениците ги користат мобилните телефони за секојдневно да пристапат на социјалните мрежи, нешто повеќе од половина од учениците (51,7%) го поврзуваат гледањето телевизија со следење на ТВ канали на телевизор, а за 23% гледање ТВ претставува следење стриминг програми како што се Нетфликс, ХБО, Прајм и други стриминг платформи. Речиси сите, 93,1% од анкетираните ученици стапуваат на интернет преку своите паметни телефони, а дури 67,9 проценти поминуваат повеќе од 5 часа активно на интернет за време на викендите.

Социјалните мрежи и слушањето онлајн музика се најчестите активности на интернет, а потоа игрите со пукање и спортските игри. ТикТок видеата се најпопуларни меѓу учениците (62,1%), потоа следуваат кратките видеа (рилс) и на трето место место се кратките видеа на ЈуТјуб. Најпопуларна социјална мрежа е Инстаграм (46,9%), а по неа е ТикТок (29,1%). Кај средношколците преовладува ставот дека содржините на социјалните мрежи се вистинити (45,9%), а само четвртина ги земаат со резерва овие содржини.

-Поставивме доста прашања кои се однесуваат на критичкото размислување на младите и добивме многу интересни одговори и од друга страна доста индикативни за тоа што младите препознаваат како медиумуска содржина, говор на омраза итн. И од друга страна ги прашавме за нивните практики во однос на гледање на телевизија. Како интересен наод на прашањето: Што е тоа телевизија? веќе се оттрга она класичното гледање на екраните и се повеќе телевизија за младите луѓе е гледање на Нетфликс, ХБО…Исто така забележавме дека нивната медиумска писменост е релативна, постои потреба да се подобри и образовните програми со оглед на тоа што нивна активност на социјалните мрежи е на многу високо ниво, користејќи Инстаграм, Фејсбук и ТикТок како примарни социјални мрежи и тоа на секојдневна основа, рече Софија Ристова од Агенцијата Рејтинг.

-Истражувањето кое го спроведе АВМУ ќе се користи понатаму во давање поддршка во реформата на средното образование, особено делот на медиумска писменост кој е особено важен. Проектот на УСАИД за медиумска писменост досега помогна во поддршка на овие програми и во нивнот ревидирање во основното образование и воведување на медиумска писменост, а сега следен чекор е, благодарение на ова истражување, имаме можност многу подетално да видиме кои се слабостите и одредени навики кои ги имаат средношколците и да помогнеме во таа насока при ревизија на програмите за средно образование, нагласи Дејан Докузовски, од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ во чии рамки е и ова истражување на АВМУ.

Министерството за образование и наука, преку Бирото за развој на образованиео, во тесна соработка со Проектот на УСАИД „Младите размислуваат“ работи на воведување на медиумската писменост во повеќе предмети во основното образование.

-Никој не ја исклучува можноста медиумската писменост да биде посебен предмет, но поважно е системски да се прават работите. Медиумската писменост мора да биде вклучена насекаде. Проверката на факти, изборот на информации се случува низ сите предмети и сите програми – георграфија, историја, мајчин јазик и затоа е важно системски да се пристапи на процесот и медиумската писменост да стане дел од сите програми во средното образование, изјави Докузовски.

Инаку, шест од десет ученици сметаат дека не добиваат доволно информации во училиште за тоа како да ги користат медиумите и за значењето на медиумските содржини, покажа истражувањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот