Фото: МИА

Истражување: Србија е најголем пријател на Македонија

На Србија се гледа како на најголем пријател на Македонија – таа, САД и ЕУ најмногу придонеле за демократскиот и за економскиот развој, културата, религијата и традицијата се најважни вредности, а односите со соседите се оценети ниту како добри ниту како лоши, покажале првичните резултати од истражувањето на Институтот „Преспа“, што го спроведе „Брима“ телефонски, во април и во мај на репрезентативен примерок од 1.500 испитаници.

Високи 45,3 проценти од анкетираните македонските граѓани ја сметаат Србија за најголем пријател, што е раст од над 30 проценти во однос на 2020 година, по која следуваат Косово (9 отсто), Албанија (5,6 ), Црна Гора и Грција (по 0,5 отсто), само 0,2 отсто изјавиле дека најголем пријател на земјава е Бугарија (во 2020 година процентот бил 1,3). Истовремено, 10,3 проценти од анкетираните мислат дека ниту една земја не ни е пријател.

На прашањето кој држава или меѓународен сојуз има најголем придонес за демократскиот развој на Македонија 24,22 отсто одговориле САД, ЕУ – 22,8 отсто, а 14,7 отсто рекле дека тоа е Србија. Следат Косово – 3,3 отсто, Германија – 2,7 отсто, Турција – 3,7 отсто, Албанија – 1,4 проценти, НАТО – 2,1 отсто, Русија – 0,9 проценти, за Хрватска и Грција се определиле 0,3 отсто, а за Бугарија 0,2 отсто од анкетираните.

Македонија споделува со Србија и најмногу вредности и интереси, пакет во кој се вклучени културата, религијата, традицијата, историјата, економскиот развој, геополитичкиот интерес, јазикот, сигурноста, идентитетот и членството во ЕУ.

Што се однесува до членството во ЕУ, за 61 отсто од граѓаните тоа е најдобрата опција, додека 34 проценти сметаат дека ни треба друга алтернатива. Од оние кои рекле дека членството во ЕУ е најдобра опција, високи 90 отсто ставот го оправдуваат со економски развој, владеење на правото, почитување на човековите права и борбата против корупцијата.

Кога сега би имало референдум за влез во ЕУ, 61 процент би биле „за“, 30 проценти би биле „против“, 5 отсто сè уште не одлучиле, 1,9 отсто нема да излезат на референдум, а 1,5 проценти одбиле да одговорат. На прашањето зошто не сме во ЕУ, 48 отсто одговориле поради блокада од соседите, а 27 поради недостиг на реформи. Приврзани на ВМРО-ДПМНЕ рекле дека причина е блокадата од соседите, а поддржувачи на СДСМ се определиле за недостиг на реформи. За уставните амандмани со кои сите малцинства би влегле во Уставот би гласале 32 отсто, а 45 отсто биле против. Посебно, против внесувањето на Бугарите во Уставот се 12,9 отсто, а 0,1 отсто се против внесувањето на Хрватите.

Кога станува збор за информирањето, 48 проценти од анкетираните се информираат од телевизиите, 23,3 отсто од социјалните мрежи, 18,5 отсто од интернет-порталите, а 1,6 отсто од печатените медиуми, но изедначен е бројот на оние што сметаат дека вестите се вистинити и оние што велат дека вестите не се вистинити – 30,3 проценти. Најмногу од анкетираните се информираат од ТВ Сител – 19,8 отсто 12,9 отсто од Канал 5, 12,4 отсто од Алсат, 6,9 отсто од Телма, а 6,7 отсто од МТВ. Но, кога станува збор за вести за Македонија, дури една третина од граѓаните (31 процент) им веруваат на медиумите од Србија, 3,4 отсто на медиумите од Албанија, а 3,6 отсто на Си-ен-ен.

На презентацијата на резултатите од истражувањето беше речено дека, иако не се целосни податоците, веќе се знае дека граѓаните би „кликнале“ на позитивна вест за Русија, за ЕУ и за позитивна и за негативна, на „застрашувачка“ вест за вакцини, а би поверувале на негативна вест за ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот