мобилен телефон
Мобилни телефони / Фото: Unsplash

Истражување: Алармантно влијание на социјалните медиуми врз децата во светот

Европа е регионот каде што 13-годишниците се најизложени на проблематично користење на социјалните медиуми

Кризата со менталното здравје кај децата достигна критична точка, влошена од „неконтролирано ширење“ на социјалните медиуми, стои во извештајот на Фондацијата за права на децата „Кидсрајтс“ објавен во средата.

Според истражувањето спроведено од Фондацијата„Кидсрајтс“ со седиште во Амстердам и Универзитетот „Еразмус“ во Ротердам, најмалку 14% од децата и адолесцентите на возраст од 10 до 19 години низ светот доживуваат проблеми со менталното здравје, а глобалната стапка на самоубиства достигнува 6 на 100.000 адолесценти на возраст од 15 до 19 години.

– Овогодишниот извештај е повик за будење што повеќе не можеме да го игнорираме – изјави Марк Дулаерт, основач и претседател на „Кидсрајтс“.

– Кризата со менталното здравје и/или благосостојбата на нашите деца достигна пресвртна точка, влошена од раширената пролиферација на платформите на социјалните медиуми што го ставаат ангажманот пред безбедноста на децата – продолжи тој.

Индексот за правата на децата е првото и единствено глобално рангирање, кое годишно мери како се почитуваат правата на децата низ светот односно го проценува степенот до кој 194 земји се посветени на правата на децата и степенот до кој земјите работат на подобрување на тие права.

Во својот извештај за 2025 година, Кидсрајтс идентификуваше „вознемирувачка корелација“ помеѓу влошувањето на менталното здравје на децата и она што организацијата го нарекува проблематично користење на социјалните медиуми, т.е. компулсивно и зависно користење на социјалните медиуми што има „негативно влијание“ врз секојдневното функционирање на корисникот.

Недостигот на податоци за менталното здравје на децата е голем проблем според извештајот и открива „итна потреба“ за координирана акција за справување со штетното влијание на дигиталната средина врз децата и адолесцентите.

– Ги гледаме владите како се борат да ја ограничат дигиталната криза што фундаментално го преобликува детството – продолжи Дулаерт повикувајќи благосостојбата на децата да биде приоритет пред профитот на бизнисот.

Извештајот открива значајни регионални варијации, истакнувајќи дека Европа е регионот каде што 13-годишниците се најизложени на проблематично користење на социјалните медиуми, со 13%, и каде што нивото на дигитална зависност кај 15-годишниците е без преседан, при што 39% од нив се во постојан контакт со своите пријатели преку интернет.

Во февруари, мини-серијата на Нетфликс „Адолесценција“ ги разоткри токсичните и мизогини влијанија на кои тинејџерите се изложени онлајн, поттикнувајќи ги владите на Велика Британија и во Франција да посакаат да го интегрираат прикажувањето на серијата во програмата во училиштата.

– „Адолесценција“ ги истакна глобалните загрижености за претставувањето и за заштитата на децата на дигиталните платформи, но ни треба акција, а не само гнев – заклучи Дулаерт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот