Пожар во фабриката „Винчини“ во Виница / фото: Радио Кочани / скриншот

Истражителите чекаат – нецелосно изгаснатиот пожар во „Винчини“ го блокира увидот

Увидот во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ во Виница сè уште не може да започне, бидејќи пожарот што избувна вчеравечер не е целосно изгаснат. Според информациите од Државното јавно обвинителство, на терен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Кочани, кој издава наредби и насоки за преземање на други дејствија со цел целосно испитување на настанот.

Повредени 18 лица, меѓу нив и пожарникари

Пожарот избувна околу 18 часот во магацинските и производствените погони на фабриката. Во гаснењето беа вклучени противпожарни екипи од Виница и од повеќе соседни општини. Според официјалните податоци, повредени се 18 лица, од кои 13 се хоспитализирани, но сите се во стабилна здравствена состојба.

Осуммина вработени во фабриката добиле медицинска помош на Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица пожарникари биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка е хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.

Формиран кризен штаб за справување со последиците

Стопанската комора на Северна Македонија, чија членка е „Макпрогрес“, најави формирање кризен штаб заедно со сопственикот на фабриката. Целта е целосно нормализирање на состојбата и координација на понатамошните чекори.

„Екипа на Стопанската комора е присутна на местото на настанот од првиот момент и заедно со сопствениците ќе формира кризен штаб. Комората презема активности за целосно нормализирање на состојбите,“ информираа од таму.

„Макпрогрес“, основана пред 35 години, е една од водечките домашни компании во прехранбената индустрија, а според официјалните податоци, околу 75 проценти од производството е наменето за извоз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот