Историско забрането пушење

жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Изгледа дека премиерот Риши Сунак реши да остави свое наследство од неговото управување со државата и да биде запомнет како некој што се справи со пушачите во земјата, се разбира, за нивно добро.

А не се слаткарници, макар што има иницијатива тука да се забранат или да се намалат оние продавници што оддалеку личат на детски катчиња за забава, каде што се продаваат шарени бонбончиња, лижавчиња, локумчиња и играчки направени од… па главно од шеќер. Само личат на такви. Не, тие допрва ќе дојдат на ред. Последните години низ Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска никнаа како печурки по дожд излози полни со светкави, шарени кутивчиња и цевчиња со арома на сè што може да се замисли како замена за цигари, ама вклучува павкање, пуфкање и оставање чад околу, кој, рака на срце, не мириса толку лошо, ама сепак е штетен. Не колку пушењето цигари, ама сепак е штетно. Се сеќавам кога првпат видов како изгледа пушењето електронска цигара. Бевме во колона накај Брајтон и мислев дека во автомобилот пред нас нешто се запалило, па чад излегува од отворениот прозорец. Кога, на предното седиште девојка со цигарче в уста, само што цигарчето изгледаше како цевче, а чадот беше како да пегла со пареа некаде на задното седиште. Новитет. Ама потоа стана речиси нормална работа.

За доброто на младите

Она што беше замислено како олеснување на пушачите да се одвикнат од никотинската зависност, електронските цигари станаа вистинска мода, пред сè токму кај оние за кои беше наменета заштитата од пушење – младите. Во земјата веќе подолго време продавањето цигари на оние под 18 години е незаконско. Цигарите се продаваат, ама не се рекламираат и се складираат во ормарчиња каде што не се гледаат за да не доведуваат во искушение. Но, затоа електронските цигари се продаваат насекаде, дури и во специјализирани продавници. Со вкус и мирис на лубеница, јаготка, праска… чиниш витамини се продаваат.
Сега владата предлага од 2027 година никој под 18 години да не може да купи и да пуши, ниту обични ниту електронски цигари, создавајќи притоа нови генерации непушачи за во иднина. Значи, на секој роден по 2008 година (да, да, има и такви) ќе му биде забрането законски да купи цигари. Каква дискусија имаше во парламентот – динамична, со податоци, со проценти, со емоции и спомнувања на човекови права и слободи, здравјето на децата и младите и грижата за здравствениот систем во земјата… и главно со поддршка на оние што беа присутни (не беше полна салата) и со поинакви мислења, како она на поранешната премиерка Лиз Трас, која претходно даваше изјави дека овој предлог закон е против човековите права и слободи и дека не е во духот на „конзервативната политика“ на Ториевците. Било во дух или не, гласањето, со 383 гласови „за“ и 67 против, ќе биде закон со кој ќе се забрани продажба на сите производи од тутун на секој роден на или по 1 јануари 2009 година.

Што би рекол Винстон?

Каква еволуција, од времето на Винстон Черчил кому заштитниот знак му беше пурата в уста (Ромео и Џулиета) и за кого една од посликовитите анегдоти како пушач од мали нозе е дека и мајка му се обидувала да го одвикне од оваа навика со мито – ако престане, ќе му купи пони или пиштол. Винстон се испазарил да почне да не пуши по 6 месеци (традиционално, пушачите ги оставаат цигарите да се погоди да е понеделник и да е први, ама годината не се прецизира) и го добил „митото“. И продолжил да пуши, од 8-10 пури дневно. Од Винстон наваму, науката напредна, па сега е и научно докажано дека пушењето е штетно за здравјето, дека станува лоша и скапа навика и дека одвикнувањето е тешко и мачно. Кога ги оставав цигарите, зашто на работа одеднаш немаше пушење, се забрани и во кафеаните, пабовите и рестораните, надвор беше проклето студено/ветровито/влажно и непрактично, а мајка ми упорно ми праќаше од Македонија писма што завршуваа со „и те молам да не пушиш“, прво се обидов со оние алтернативните цигари, извесни вегетаријански што имаа мирис на кравја лепешка, така изгледаше она внатре, а за „филингот“ и да не зборуваме. Индустријата смисли и гуми за џвакање и лепенки, кои беа ем скапи ем неефикасни, потоа дојдоа и електронските цигари, но сепак најдобро беше да се прекине и да се престане и ете така, можно е.

 Наследството на премиерите

Сега останува со законот да се спроведе оваа историска забрана. Како ќе оди тоа, ќе видиме. Се планира со казна од 100 фунти да бидат казнувани оние кои ќе им продаваат и електронски цигари на малолетниците. А електронските цигари кои содржат опасни литиумски батерии, со посебен закон ќе бидат забранети од април 2025 година. Законот сега оди на разгледување пред комисии, каде што се очекува да биде детализиран. Не сите ториевски министри се согласни со него, па ќе има побуни и најверојатно оставки. И покрај тоа што две третини од оние што гласале за конзервативната партија во 2019 година се согласуваат со забраната, а повеќе од 59 отсто од целото население мисли дека ова е добра идеја! Ако помине, законот ќе ѝ овозможи на Британија да има една од најострите антипушачки мерки на светот и да создаде прва непушачка генерација во современото општество. Инспирацијата инаку дојде од Нов Зеланд, каде што владата на Џасинта Арден донесе вакви мерки, но следната коалициска влада го поништи законот.
Изгледа дека премиерот Риши Сунак реши да остави свое наследство од неговото управување со државата. Сите досегашни премиери оставаа зад себе некакви акции и белези врз државата, како Маргарет Тачер, челичната леди која добро ја паметат рударите и штрајкувачите, но која им стана идол на многумина конзервативни политичари. Имаше шанса и Тони Блер, харизматичен и успешен премиер, но тој ја прокоцка и останува запаметен по вовлекувањето на земјата во војната во Ирак и непостоечкото оружје за масовно уништување на Садам Хусеин. Од поновите, Дејвид Камерон ќе остане запаметен по распишувањето референдум за брегзит, (непредизвикан од ништо и никого), Борис Џонсон за остварувањето на брегзитот со лаги и измами (добро, и по скандалите од љубовниот живот, спречувањето на парламентот, недоветното водење на стратегијата со ковид-19 поради што починаа многу повеќе отколку од болеста и по дубиозите со позајмици и финансиски аранжмани). Лиз Трас, која успеа за своите 49 дена да биде спомнувана со, па ајде да не бидам непристојна, „одбрани зборови“ за бурата во финансискиот систем поради што сите денес плаќаме поголеми кредити и имаме помалку на сметките. А Риши… Тој ветуваше пет точки, па потоа три, а главна му беше справувањето со незаконските имигранти. Но, изгледа дека авионите со азиланти на пат за Руанда оваа пролет ќе останат приземјени во ЈуКеј, становите што ги изгради владата во Кигали ќе продолжат да бидат купувани од домашното население по багателни цени, а другите активности се некако во знакот на сè помалиот рејтинг на Ториевците, напуштање на „бродот кој тоне“ (?) на дел традиционални пратеници… па како да се растера маглата од неуспехот? Едноставно. Да се позајми идеа. Официјално, не од опозициските лабуристи, кои ја имаат во партиската програма и затоа гласаа за неа. Уште подобро, однадвор, со малку своја боја да не се препознае. И да се биде запомнет како некој што се справи со пушачите во земјата, се разбира, за нивно добро. Да не остане запомнет само како богат бизнисмен што не пуши, кој пости, пие кока-кола, добро се оженил со ќерка на индиски милијардер и качувајќи се низ редовите на партијата, преку канцелар, станал премиер.
Туку, како некој што има право и моќ да им каже на луѓето што можат, што не можат и тоа да го санкционира со закон. Експериментот на Лусинда, и покрај тоа што беше „поплочен со најдобри намери“, не успеа. Ќе успее ли Ришиевиот?

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот