
Иста плата, помалку работа: Полска започнува пилот-програма за работа со скратено работно време
Полските работодавци ќе можат доброволно да учествуваат во нова пилот-програма насочена кон намалување на работното време.
Препорачано
Со финансиска поддршка од 2,3 милиони евра, иницијативата ќе биде лансирана годинава.
„Тоа е прва ваква пилот-програма во нашиот дел од Европа“, изјави министерката за семејство, труд и социјална политика Агњешка Џемановиќ-Бак.
Министерката рече дека е вистинско време да се скрати работното време на Полјаците, а воедно да се обезбеди дека тие добиваат исти плати.
Како дел од пилот-проектот, полските работодавци и вработени ќе тестираат различни модели за намалување на работното време со цел да го утврдат најдобриот.
„Пократок работен ден или недела? Или можеби подолг одмор? На компаниите и институциите ќе зависи како да ја постигнат заедничката цел – намалување на бројот на работни часови, а воедно и задржување на истата плата“, рече Џемановиќ-Бак.
Таа додаде дека е можно да се работи помалку, а подобро.
„На крајот на краиштата, работиме за да живееме, а не живееме за да работиме“, рече полската министерка.
Новата програма има за цел да ги вклучи бизнисите, локалните самоуправи, фондациите и синдикатите, а главниот услов е вработените да продолжат да добиваат исти плати, и покрај пократкото работно време.
Ќе бидат тестирани различни модели, вклучувајќи намалување на работното време во одредени денови или намалување на бројот на работни денови во неделата.
Џемановиќ-Бак истакна дека претходните студии покажале дека скратено работно време го подобрува здравјето на вработените, го намалува „прегорувањето“ на работа и доведува до намалување на бројот на грешки во работата без негативно влијание врз финансиските перформанси на компаниите.