
Исправената неправда кон Дамева може да предизвика лавина од повторени постапки во Судскиот совет
Одлуките на Судскиот совет како колективно тело кое одлучува со мнозинство гласови не се спорни и тие важат, но спорни се поединечните акти кои ги потпишал Сашко Гергиев како претседател на Советот избран по разрешувањето на Дамева, велат експерти
Незаконското разрешување на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет, покрај крајно нарушениот углед на Советот, допрва може да предизвика хаос во правосудството, затоа што правните последици од пресудата на Управниот суд кој го поништи разрешувањето на Дамева, може да значат повторување на повеќе дисциплински постапки или постапки за избор и унапредување на судии, коментираат правниците кои ги консултираше „Слободен печат“.
Одлуките на Судскиот совет како колективно тело кое одлучува со мнозинство гласови не се спорни и тие важат, но спорни се поединечните акти кои ги потпишал Сашко Гергиев како претседател на Советот избран по разрешувањето на Дамева.
Препорачано
Неовластен потписник
Според професорот по управно право Борче Давитковски, секој што досега не обжалил некоја од одлуките што се донесени во времето кога Георгиев беше претседател на Советот, а тоа е од мај 2023 година до 3 јануари 2024 година, може да ја обжали одлуката или постапката и да побара повторување.
– Не се смета дека одлуките се поништуваат по автоматизам затоа што е прогласена за ништовна одлуката за разрешување на Дамева. Но, според Законот за општа управна постапка, основ за повторување на постапката, меѓу другото, е и ако е донесена од нелегитимен или од неовластен потписник, а со пресудата на Управниот суд го имаме токму тој основ. Секој што не е задоволен од која било одлука на Судскиот совет во тој период, може да поднесе жалба и да бара повторување на постапката, а за тоа има субјективен рок од шест месеци и објективен рок од една година. Имаше одлуки за избор на судии, дисциплински постапки, унапредувања на судии итн. Сето тоа теоретски може да се оспори и да се повтори со жалби – вели Давитковски за „Слободен печат“.

Тој додава дека по пресудата на Управниот суд, очекувал дека Судскиот совет веднаш да почне нова постапка за разрешување на Дамева.
– Но изгледа дека таму се смирија страстите, сега има некој премолчан мир, сите се „среќни“. Но како ли ќе ја гледаат Дамева в очи седумтемината колеги од Советот кои ја разрешија, тие си знаат – вели професорот Давитковски.
По пресудата, со прва реакција за правните последици се јавија правниците од Коалицијата „Сите за правично судење“.
– На итната 471. седница, Судскиот совет констатираше престанок на мандатот на претседателот на Советот и ја спроведе одлуката на Управниот суд. Во оваа насока сакаме да потенцираме дека ништовноста на одлуката за разрешување ги прави ништовни и сите дела, права и обврски засновани врз ништовниот акт, што, меѓу другото, ја вклучува и одлуката за избор на нов претседател. Оттука, нејасно е како Советот констатираше престанок на мандат кој се смета дека никогаш не почнал да тече – реагираше Коалицијата.
Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, објаснува дека суштината е во тоа дека пресудата на Управен суд е поништувачка.
– Поништено е разрешувањето на Весна Дамева како никогаш и да не се случило. Ако се смета дека таа не е разрешена, тоа значи дека никогаш и не бил избран нов претседател и не може да се констатира негова оставка. Инаку, претседателот е овластен потписник и ги потпишува сите индивидуални акти на Судскиот совет, па сега има проблем со сите тие акти кои се потпишани од неовластен потписник. Одлуките на самиот Судски совет не се ништовни, оти тоа е колективно тело што одлучува со мнозинство. Точно е дека Судскиот совет ги избира и унапредува судиите, но секоја поединечна одлука ја потпишува претседателот. Одбиените судии за унапредување во апелациски судии може да се жалат за неизборот и да бараат повторување на постапката, а во меѓувреме веќе судат други унапредни судии. Дамева не може сега да потпишува нови одлуки со датуми наназад за истите избрани или унапредени судии од времето на изборот. Така, ако некој одбиен судија се жали во Судскиот совет, технички ќе мора да се повтори целата постапка – вели Аврамовски.

Тој додава дека допрва ќе се види правната разврска и сите можни последици.
– Таа ништовност на разрешувањето на Дамева може да предизвика и други последици во практиката, на пример, ако Георгиев земал повисока плата затоа што бил претседател на Советот сега ќе треба да ја врати разликата во платата. Исто така, и одбраната на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која е под дисциплинска постапка поради недоаѓање на седниците на Советот, сега може да добие поинаков тек, затоа што поканите што ги добивала за присуство биле потпишани од неовластен и нелигитимен потписник – вели Аврамовски за „Слободен печат“.
Дамева: Ова да е почеток на враќање на довербата во судството
По пресудата на Управниот суд, кој одлучи дека Судскиот совет незаконски и без образложение и аргументи ја разрешил Дамева, вчера, на итна седница, судијата Сашко Георгиев поднесе оставка од претседателското место по сопствено барање. Потпретседателот на Советот, Ханиф Зендели, рече дека со поништувањето на разрешувањето на Дамева од мај 2023 година, на сила е претходната одлука со која таа е избрана за претседател на Судскиот совет, од декември 2022 година.
– Пресудата на Управниот суд ја влева надежта дека правдата е достижна, очекувам ова да биде почетокот на враќањето на довербата на граѓаните во судството – рече Дамева по седницата.
Во врска со тоа дали се важечки одлуките на Судскиот совет со потписот на Георгиев, Дамева рече дека прашањето е актуелно и во Судскиот совет ќе се анализира до каде се протегаат правните последици на пресудата на Управниот суд, но таа не очекува дилеми затоа што Советот е колективно тело и колективно носи одлуки.
Во врска со соработката со колегата Селим Адеми, на чија иницијатива таа беше разрешена, Дамева рече дека грешката е направена и исправена со пресудата и не сака да верува дека ќе има опструкции во натамошната работа. Таа додаде и дека за секое опструирање има пропишана законска процедура и таквото однесување ќе се санкционира.
Дамева додаде и дека не е доведен во прашање легитимитетот на целиот Судски совет, затоа што не сите членови ја гласале незаконската одлука за нејзиното разрешување, а оние кои ја гласале треба да чувствуваат барем морална одговорност.
– Ќе се разгледува и тоа и ако некој член не постапувал совесно и прекршил законска одредба, ќе биде санкциониран на начин и постапка предвидена со закон. Но, најважна е моралната одговорност и останува на совеста на секој што направил повреда и гласал незаконото. Ако не поднесев тужба, јас ќе бев соучесник – рече Дамева.

Георгиев, пак, на итната седница рече дека во изминатиов период постигнале резултати, избрале 30 судии, избрале апелациските судии во процес што траеле над две години и ја зголемиле транспарентноста. Тој дополни и дека не трпел притисоци ниту обиди за влијанија врз работата додека бил претседател. Според Георгиев, со пресудата на Управен се поништува одлуката за разрешување на претходната претседателка, а неговиот избор воопшто не бил предмет на таа судска постапка.
Судскиот совет во изминатиов период беше центар на повеќе скандалозни ситуации, по што многу функционери од извршната власт, заедно со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за правда, Кренар Лога, го прогласија за нелегитимно тело, а ЕУ испрати експерти во Оценска мисија, кои потоа дадоа над 40 препораки за потребната реформа на Советот.