
Ислам Абази не бил во државата кога се приведуваа Капушевски и Јахоски – Обвинителство го демантира Мицкоски
Шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази дента кога се вршеа претреси и беа приведени сопственикот на „РКМ“, Ратко Капушевски и газдата на „Пуцко петрол“, Асми Јахоски, син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, не бил во државата, велат од Обвинителството за „Слободен печат“.
Препорачано
Реакцијата на обвинителството следува по критиките на премиерот Христијан Мицкоски кој изјави дека бил шокиран од однесувањето на првиот човек од едно обвинителство, без да го наведе по име и презиме.
-Обвинителството останува на ставот да не ги коментира изјавите на функционерите и други лица кои со коментари од различни побуди задираат во независноста на обвинителството. За Ваше информирање Ве известуваме дека во периодот на подготовка на акцијата, како и на денот на самата реализација на акцијата Основниот јавен обвинител Ислам Абази не беше во државата, па наводната реакција и некакво однесување што се пренесуваат во јавноста ги демантираме како неточни – велат од Обвинителството.
Тие потенцираат дека токму ова Обвинителство по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата издала наредби да се постапува.
-Дотолку повеќе што овој предмет, како што веќе соопштивме, е предмет оформен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по иницијатива на ДКСК примена во работа во ова обвинителство на 2.1.2024 година. Предметниот јавен обвинител по разгледување на иницијативата веднаш издаде низа наредби по кои повеќе од една година постапуваа единиците на МВР и врз основа на извршените наредби и прибраниот доказен материјал во предистражната постапка, во текот на претходните денови се преземани дејствија за реализација на акцијата за која покажувате интерес – додаваат оттаму на прашањето на „Слободен печат“.
Денеска Мицкоски пак не го спомена со обвинителот со име, но го опиша „На тој што му стоеја на ушка на една слика“ – рече Мицкоски алудирајќи на сликата на која Абази е во домашна опуштена атмосфера со братот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Претходно тој прстот го впери во ова Обвинителство откако на Јахоски му беше одреден куќен наместо затворски притвор, иако Обвинителството тврдеше дека судија на претходна постапка му одредил куќен притвор на Јахоски и поднесе жалба на ова решение.