
Искрено со Хелена Роза: Игор, иако е помлад од мене 11 години, секогаш ми давал сигурност
За Хелена Роза, познатата водителка која веќе осум години живее во Нов Зеланд, Скопје не е многу сменето, по четири години откако не била дома. Хелена со сопругот Игор и синот Тијан беше на одмор во Македонија и пред да си замине, за „Слободен печат“ раскажа интересни приказни за својот живот во новиот дом, за семејството, за работата и за тоа дека сега, во позрелите години, повеќе си се допаѓа како изгледа од порано.
Препорачано

– Сите искушенија во животот нѐ менуваат и нѐ прават да бидеме позрели. Така што претпоставувам дека сум сменета, но во суштина сум истата Хелена Роза, но не е тоа некоја драстична прмена. Голема разлика има во тоа што кога ќе дојдам во Македонија, по овие осум години, блиските велат дека изгледам многу смирено, тоа е можеби затоа што животот во Нов Зеланд е далеку поздрав од тука, во смисла дека немаш непотребен стрес, правиш планови за иднина, нешта кои ти даваат некоја сигурност и некој баланс во животот – вели Хелена.
За својот роден град, иако не била четири години, вели дека е исто, и се чувствува како да не била ни отсутна и освен што има отворено нови локали и нови места, за неа е потполно исто.
Хелена ни раскажа и за нејзината сегашна работа во Окланд каде што живее со сопругот и шестгодишниот Тијан. Ќерката Кјара која има 24 години, живее во посебен стан.
– Во моментов, во Нов Зеланд, Игор и јас имаме наша фирма за електричарски услуги. Имаме пет вработени, а фирмата работи три години. Многу добро оди бизнисот со фирмата. Јас сум повеќе задолжена за книговодство, логистика, дигитален маркетинг, проект менаџмент, човечки ресурси што е повеќе канцелариска работа. Одам некогаш и на терен. Три години постоиме, а фирмата ја основавме во времето на ковид-19 или познатиот целосен карантин во Окланд. Во Окланд има традиционален настан, доделување на Бизнис награди (The 2degrees Auckland Business Awards) и нашата фирма е номинирана за најдобра и најбрзо растечка фирма, за што сме многу почестени и сме едниствената фирма од нашата индустрија којашто е номинирана.
Кјара студира, завршува правен факутет оваа година, догодина завршува интернационална политика, бидејќи таа студира на два факултета. Во моментов работи во салон за „Мазда“, по неколку часа, колку да извади џепарлак. Таа е и политички активна, доста се избори со нејзината Акт партија, работи исто така и за нив. Јас претходно работев во магазинот „Мултимедија“, бев вработена со целосно работно време таму, како маркетинг менаџер. Организирав настани, пишував ПР-текстови, работев проекти во дигиталниот маркетинг, наоѓав спонзори за списанието, помагав околу креација за фотографиите во списанието, сега хонорарно работам за нив, одвреме – навреме – раскажа Хелена за својата работа.

Хелена со семејството/ Фото: Фејсбук
Муабетвме и на тема носталгија за дома и дали некогаш помислиле да се вратат во Македонија, а Хелена вели дека она што го чувствува не може да го нарече класична носталгија.
– Ми недостасуваат луѓето, ми недостасува семејството, мајка ми, внуците, пријателите. Нормално е тоа, јас од тука си заминав прилично доцна, на 39 години, имам пријатели од основно, од средно, пријатели со кои години се во прашање и нормално е дека ми недостасуваат. Но, некоја носталгија, да бидам носталгична за стариот крај, што е типично за оние кои отишле да живеат надвор од Македонија, немам. Не помисливме да се вратиме ниту за време на целосниот каратнтин во Окланд, бидејќи беше навистина тешко, ние не можевме од дома да излеземе – ниту до супермаркет. Тоа беше страшно и траеше со месеци. Зборувавме со Кјара да си дојдеме во Скопје тие неколку месеци, но немаше шанса. И решивме дека иако е така, ќе останеме таму. Не сме планирале да се враќаме, толку ни е убаво во моментов во Нов Зеланд, толку сме убаво средени што искрено само посакувам да потрае тоа – вели Хелена и се сеќава дека на почетокот, во новата средина, во првите 2-3 години им било многу тешко, но сега, како што вели, маката поминала.
– Многу се жртвувавме, работевме по 14 до 15 часа. Особено со раѓањето на Тијан и немањето никаква помош од роднини и пријатели беа навистина тешки, но веќе нема мака. Бидејќи немаме класична работа од 9 до 5, ниту Игор ниту јас, деновите сега ни се различни. Некогаш одам на терен, да бидам во тек со работите каде што се градат нови згради и куќи, некогаш повеќе се состаноци со нови партнери или со луѓе кои се инволвирани со нашиот бизнис. Често помеѓу тие состаноци знам да си закажам кафе со пријатели, па да прошетам со нив. Тијан оди на училиште, тој е таму до 17 часот. Знаеме да го земеме, да одиме на прошетка или до некој трговски центар, некогаш излегуваме на вечера за викенд, некогаш и преку недела. Излегуваме со пријатели и посетуваме многу настани, особено јас, речиси секоја или секоја втора недела сме на некој интересен настан. Одиме во кино, обично во недела ни доаѓаат дома гости да се дружиме и да правиме скара, особено гости кои имаат деца на иста возраст со Тијан – вели Хелена на прашањето како обично ѝ поминуваат деновите.
Некогашната водителка е среќна што на синот Тијан, кој оди во прво одделение, токму во Македонија му организирале забава за шестиот роденден.
– Она што ќе ти го кажам како интересна информација е дека во Нов Зеланд нема прв училишен ден. Децата можат да тргнат на училиште од 5 – 6 години, Тијан тргна на 5 и пол години – можеш кога сакаш да си го пуштиш детето на училиште во тој период. Тијан е љубов, тоа е едно толку слатко дете, тоа е нешто неверојатно. Секој што ќе го запознае го обожава од прв момент, многу е пријателски расположен, многу сака да си игра со деца и му благодарам на Бога што е така. Сама го чував и ако беше некое дете кое не сакаше да јаде, не сакаше да спие, што е сосема новрмално, навистина ќе ми беше многу потешко. Вака, буквално со Тијан не почувствував дека имам мало дете дома – вели Хелена и го коментира односот на постарата ќерка Кјара со Тијан со оглед на тоа дека се голема разлика во години.

– Кјара и Тијан се супер заедно, иако се голема разлика. Кјара веќе некои две и пол години не живее со нас, Тијан оди секој втор викенд, ако не и секој викенд кај неа на преспивање, си имаат нивно време за дружење и се гледаат речиси секој ден. Односот им е супер, без оглед што се 18 и пол години разлика, сега-засега се многу блиски – вели Хелена.

При крај на разговорот, неизбежно е да се спомене нејзиниот атрактивен изглед и сексапил, по кој остана позната и денес, иако не се занимава со медиумска работа во Македонија.
– Јас сега многу повеќе си се допаѓам самата на себе како изгледам физички и каква сум психички, откако како што излгедав годините кога важев за една од нашите најатрактивни водителки. Не знам дали со годините учиме да се прифаќаме повеќе себеси, дали е перцепцијата таква, дали е до мене, дали подобро изгледам, навистина не знам. Но, секогаш, ако некој ме праша дали сакам да изгледам како на мои 30 години или сега на мои 46, апсолутно би избрала да изгледам како сега, на 46 години – ни раскажа Хелена.

Долги години, таа е во брак со Игор, кој е поранешен фудбалер.
– Една од неговите најдобри карактеристики е тоа што е секогаш позитивен, а она што најмногу го сакам кај него и она што нѐ одржа долго време заедно е тоа што е многу толерантен и ми дава сигурност. Мислам дека секоја жена бара сигурност од својот партнер и не само жена, секој човек бара сигурност од својот партнер во животот. Игор, иако е помлад од мене 11 години, отсекогаш ми давал сигурност. Јас немам гајле, знам каде и да одам и што и да ми се случи, кога Игор е со мене и кога Игор е покрај мене, јас знам дека ние како семејство ќе бидеме ОК. И тоа е многу битен момент, да го имаш и да го чувствуваш тоа кај својот партнер, сигурноста – вели Хелена Роза.
