Искористете го сезонското овошје за да направите превкусни компоти

Компот од јаболка

Состојки за една тегла:

1 сечкано јаболко со средна големина
5 лажици шеќер
вода за да ја наполните теглата

Подготовка:
Јаболкото исечкајте го на коцки и ставете го во теглата. Потоа додајте го шеќерот и наполнете ја теглата со вода. Убаво затворете ја.
За да наполните едно големо тенџере, ви требаат околу 20 тегли. Кога тенџерето ќе биде полно со тегли, наполнете го со вода и оставете ги теглите да вријат околу 30 минути за убаво да се вакумираат.

Компот од праски со мед

Состојки:

4 килограми праски
1 килограм мед
вода по потреба

Подготовка:
Праските измијте ги, исчистете ги од семките и исечкајте ги на помали парчиња. Потоа, распоредете ги во 10 тегли. Во теглите ставете по неколку лажици мед, а потоа дополнете ги со вода. Вака подготвените тегли наредете ги во поголемо тенџере во кое сте додале вода. Оставете ги теглите да вријат околу 20 минути се додека не се вакумираат.

Бистар сок од јаболка

Состојки:

2 килограми јаболка
700 грама шеќер
сок од лимон
10 грама лимонска киселина (лимонтуз)
1 ванилин шеќер

Подготовка:

Јаболката измијте ги, излупете ги и исечкајте ги на ленти. Ставете ги во подлабоко тенџере и ставете вода да ги облее, а потоа варете ги на тивок оган неколку минути. Тргнете ги смекнатите јаболка од оган и оставете ги така да отстојат 24 часа. Следниот ден убаво исцедете ги јаболката (доколку е потребно тоа, направете го неколкупати за да добиете бистар сок). Добиениот сок ставете го во чисто тенџере и во течноста додајте ванилин шеќер, лимонтуз, сок од лимон и шеќер. Варете го сокот околу 25 минути. Добиениот бистар сок од јаболка, складирајте го во стаклени шишиња.

Подгответе ги теглите

Доколку подготвувате компот во теглите, можете да ги измиете непосредно пред да ги наполните и тоа би било сосема доволно. Ако планирате во стаклените тегли или во шишињата да ставате мармалад, џем, слатко или сок, во тој случај треба да ги стерилизирате пред да ги употребите. За да го направите тоа, треба да ги измиете убаво и да ги наредите во големо тенџере во кое има доволно вода за да ги облее. Внимавајте да не ви пукнат додека ги вриете, па затоа стерилизацијата треба да ја правите на потивок оган. Оставете ја водата да врие најмалку 20 минути. Потоа извадете ги теглите и шишињата и почекајте убаво да се исушат пред да ги наполните со веќе подготвената зимница.

Овошјето треба да биде здраво и зрело

Сите плодови што ги користите за подготовка на зимници мора да бидат здрави и свежи. Доколку употребувате помалку квалитетно овошје, можете да се доведете во ситуација да ризикувате да ви се расипе целата зимница, а со тоа да ви пропадне трудот што сте го вложиле за нејзината подготовка.

Лимонов сок во секоја зимница

Лимоновиот сок е задолжителен во подготовката на благи зимници. Со додавање неколку капки лимон, овошјето ќе изгледа посвежо. Сепак, немојте да претерувате со неговата употреба. Доволни се само неколку капки лимонов сок за да го постигнете посакуваниот ефект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!